ДО 50.000 ГОДИШНО: Германија ќе ја удвои квотата за неквалификувани работници од Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Германските власти имаат намера да ја удвојат квотата за имиграција на неквалификувани работници од регионот на Западен Балкан, според предлог-законот до кој има пристап германската новинска агенција dpa, пишува Дојче веле. Во иднина треба да има до педесет илјади годишно.

Ова е таканареченото „правило на Западен Балкан“, кое предвидува повластен пристап до германскиот пазар на труд за граѓаните на Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Косово.

Според важечките закони, имено, „професионална“ работна сила може да емигрира од целиот свет. Само од Балканот луѓето можат да добијат работа и работна виза, дури и ако работат надвор од својата професија или без професионална квалификација.

Тоа правило беше осмислено по првиот бран на бегалската криза во 2015 и 2016 година, бидејќи меѓу барателите на азил, покрај Сиријците, имаше и бројни државјани на Србија, Босна и Херцеговина и Косово. Идејата на Берлин беше да им олесни на луѓето од регионот да најдат работа во Германија, наместо безнадежно да бараат азил.

Ова не е единствената измена на законот што се подготвува. Новите правила треба да „се спротивстават на драматичниот недостиг на работна сила во бројни гранки“, оценува ДПА.

Овие промени ја вклучуваат и таканаречената „картата за шанса“, односно можноста луѓето едноставно да се преселат во Германија и таму да бараат работа, на лице место. За тоа време тие имаат право да работат со скратено работно време надвор од својата професија за да заработат за живот.

Според dpa, „картата за шанса“ треба да се додели според новиот систем на бодување на секој што ќе собере шест поени.

Четири бода добива одредена професионална квалификација, три бода добро познавање на германски јазик или тригодишно работно искуство, два бода ако лицето е помладо од 35 години и еден бод ако претходно легално престојувало во Германија најмалку шест месеци.

Како што веќе напиша ДВ, Германија е зафатена од демографски промени и голем број слободни работни места. Се проценува дека имиграцијата на околу 400.000 луѓе годишно е неопходна за да функционира економијата, здравјето и грижата за старите лица.

Во исто време, едното око е секогаш вперено во Западен Балкан, бидејќи тој сè уште е завиден резервоар за работна сила. Со тоа се продлабочуваат огромните демографски проблеми на Балканот, кои ги открија и последните пописи на населението, пишува Дојче веле.

Слични содржини