До петок ќе завршат анализите за цените на шекерот, јајцата и зејтинот

од Vladimir Zorba

Министерот за економија Крешник Бектеши очекува до петок да завршат анализите кои треба да покажат дали ќе се замрзнат цените на шекерот, јајцата и зејтинот.

Како што рече вечерва во гостување на телевизија Телма, се чекаат дополнителни податоци од стопанските комори и Царинската управа.

-Не се завршени анализите. Очекувам до петок да бидат завршени. Очекуваме дополнителни податоци од коморите и Царинската управа. Тогаш ќе ја информираме Владата. Ако има простор за намалување на цените, тоа ќе го направиме. Моментно никој не работи со загуби, но, повторно ќе кажам, додека не ги имаме сите влезни податоци нема да носиме одлука. Главно производителите се повикуваат на цената на сојата и на пченката. Кај цените на пченката на светските берзи има намалување, а спротивно е за сојата, истакна Бектеши.

Според него, анализи за цените на месните производи, овошјето и зеленчукот во Министерството за економија не се прават.

-Министерството за економија нема механизми за мерки во делот на овошејто и зеленчукот. Разговарав со министерот Љупчо Николовски Министерството за земјоделство да направи анализи. Ако МЗШВ има конкретен предлог, ќе го прифатиме. Истото важи и за месните производи, подвлече Бектеши.

Слични содржини