„Добро е да се знае“: Груевски издаде нова книга

од Nikola Popovski

Поранешниот премиер Никола Груевски, кој моментално живее како азилант во Будимпешта, издал нова книга, која се очекува од денеска да се најде во продажба во земјава. Книгата е со наслов „Добро е да се знае“ и е во издание на издавачката куќа „Ѓурѓа“.

Како што објавија од издавачката куќа, книгата е збир на текстови и записи од полето на историјата и празниците (празниците во значаен дел се поврзани со историјата) кои беа објавени на социјалните мрежи од 2017 година, па до април 2023 година.

-Со насловот на книгата „Добро е да се знае“, настојував, особено во ова време на сериозно негирање на македонскиот идентитет, име, јазик, националност и историја, да ги мотивирам, особено оние кои поретко се навраќаат кон тие теми од нашата национална историја, тоа да го прават почесто и да се навраќаат на сопствената национална историја. Книгата и текстовите во неа се само еден вид информативно четиво, историски есеи прикажани преку мојата призма на гледање и толкување на случувањата, со многу цитати од многу книги и стучни текстови, некои од нив напишани од врвни историчари, а некои според спомените на историски ликови кон кои се осврнувам, напишал меѓу другото Груевски во предговорот на книгата, објавено е на Фејсбук страницата на „Ѓурѓа“.

Никола Груевски во 2019 година ја издаде книгата ,,Искуства за иднината“, која е неговиот докторски труд, исто така во издание на „Ѓурѓа“.

Експремиерот во 2018 година избега од Македонија во Унгарија каде експресно доби политички азил. Државата бараше екстрадиција поради судските постапки кои се водат против него, но барањето беше одбиено.

Слични содржини