Почетна / Македонија / Доделена Златна диплома на првите дипломирани електроинженери

Доделена Златна диплома на првите дипломирани електроинженери

Факултетот за електротехника и информациски технологии додели 60-тина Златни дипломи на првите студенти кои дипломирале пред 50-тина години на тогашниот Технички факултет, отсек електро. Денес беа доделени дипломи на студентите кои дипломирале во периодот меѓу 1964-1969 година.

Професор д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ, потсети дека на 19 јуни 1959 година, пред точно 60 години, е донесен Законот за основање електро-машински и технолошки оддел на Техничкиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј” во Скопје. Со ова почнуваат студиите по електротехника, односно негувањето и развојот на електротехнички науки.

„Ова е генерацијата – темел на она што денес претставува Факултетот за електротехника и информациски технологии…. Како Факултет не смееме и не сакаме да го заборавиме она што го направиле нашите претходници. Затоа одлучивме да го крунисаме и признаеме тоа со доделување Златна диплома на сите студенти кои дипломирале пред повеќе од 5 децении“, порача Ташковски.

Тој додаде дека „врз основа на воспоставените пракси на нашите претходници кои го градеа Факултетот во изминатите 50 години, пред 5 години го воведовме ISO 9001 стандардот во нашата работа. Многу сме горди што може да кажеме дека сме единствениот факултет со стандард ISO 9001-2008 во сите области на делување – наука, соработка со стопанството, настава и администрација“.

Професор д-р Софија Богданова, во име на сите студенти ги поздрави добитниците „во наше време се студираше долго, занаетот сериозно се печеше. Немаше високи просеци и доколку некој добиеше десетка, тогаш цело корзо само за тоа зборуваше. Немаше колоквиуми, Бољона, кредит трансфер систем, туку се полагаа сериозни испити. Најголем дел од нив беа двосеместрални. Ги читавме книгите верувајќи дека меѓу тие две корици го има сето знаење на светот. И денес кога седнавме во школските клупи се сетивме на деновите што ги минавме овде. Навираат спомените и се враќаме назад во дамнешните години кога бевме студенти. Имавме сон, имавме идеали и секој од нас го реализираше сонот бидејќи добивавме вработување веднаш по дипломирањето“.

Пред околу 50-тина години, на тогашниот електро-машински факултет, своето образование успешно го завршила првата генерација електроинженери. Во генерацијата 1959/60, на електромашинскиот оддел при Техничкиот факултет се запишани 128 студенти, од кои 48 на електротехничкиот оддел. Од нив, во 1963 апсолвираат 30 студенти.

loading...