Доделени наградите од третиот конкурс за краток расказ „Бибер“

од desk2

Моника Херцег од Петриња, Хрватска, ја доби првата награда од третиот конкурс за краток расказ „Бибер“, за расказот насловен „Глава“. Втората награда ја доби Анте Сториќ од Шибеник  за расказот „Лето“ (Lito), а третата награда ѝ е доделена на Тамара Ковачевиќ од Љубљана за расказот „Со мачета ќе ме, со мачета ќе те“ (Mačetom ćeš me, mačetom ću te). Одлуката ја донесе жири во кое членуваше и нашата писателка  Румена Бужаровска, а покрај неа и писателите Шкељзен Малиќи од Приштина и Лејла Каламујиќ од Сараево.

Конкурсот „Бибер“ беше отворен од јануари до јуни оваа година, а учествуваа автори/ки кои пишуваат на албански, македонски, српски, босански, хрватски или црногорски јазик.

Жирито соопшти дека наградените раскази се одликуваат со ефективна наративна структура, стилска софистицираност и јазична прецизност, длабоко емотивни, а зададената тема ја обработуваат со висок степен на разбирање и емпатија, при што имаат и критички пристап.

-Пристигнаа вкупно 464 раскази на конкурсот. Тема на конкурсот беа сите раскази поврзани со помирувањето во контекст на наследството од војните и насилствoтo во земјите од поранешна Југославија, раскази кои можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази кои се занимаваат со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство кон другите, храбри раскази кои се осмелуваат да одат во „непријателски“ чевли, раскази кои ги поместуваат границите и ни отвораат патишта за да градиме посигурна, побезбедна и послободна иднина за сите, соопшти жирито. 

Покрај наградените три раскази, во антологијата „Бибер 03“ ќе бидат објавени и  авторите: Абид Јариќ, Аида Шечиќ Незировиќ, Анета Петрушевска, Африм Демири, Беса Калаја, Бојан Тодоровиќ, Бојана Бабиќ, Габријел Делиќ, Гордана Стојаноска, Димитрије Буквиќ, Драгана Ранѓеловиќ, Ернад Осмиќ, Имер Топаница, Исидора Петровиќ, Луиза Бухарова, Мања Величковска, Марио Мерџан, Милана Гајовиќ, Никола Петровиќ, Слаѓана Нина Перковиќ, Стефан Славковиќ и Тихана Гамбиража. Повеќејазичната збирка раскази ќе биде објавена до март 2020 година, а организаторите го подготуваат и конкурсот за „Бибер 04“.

Слични содржини