Dodge Challenger Black Ghost

од Stefanija Kuzmanovska

Во пресрет на најавената електрификација, Dodge подготви за 300 клиенти еден од последните Challengers кој ќе биде придвижуван од громогласниот HEMI V8 мотор.

Chrysler неодамна го претстави последното ограничено издание на V8 300C. Целото планирано производство беше распродадено за 12 часа, па се очекува истото да биде случај и со моделот Challenger Black Ghost со V8 погон, кој Dodge ќе го понуди во само 300 примероци.

Потсетникот на Dodge за легендарниот црн Challenger од седумдесеттите години на дваесеттиот век, кој го придвижуваше 7,0-литарски V8 мотор, се крие зад името Black Ghost и го претставува шестото (претпоследното) специјално издание на Challenger, со кое Dodge наскоро ќе ја заврши приказната во која V8 моторот игра водечка улога.

Модерниот Black Ghost со себе носи продолжена каросерија слична на онаа на Challenger Hellcat Redeye, а 6,2-литарскиот HEMI V8 мотор, потпомогнат од механички компресор, развива 808 коњски сили и 972 Nm вртежен момент, кој се распределува само на задната оска со помош на 8-брзински автоматски менувач. Јасно е дека каросеријата на сите 300 примероци ќе биде црна, а има и неколку апликации со кои Dodge се навраќа на оригиналниот модел.

Темните тонови доминираат и во кабината, која е обложена со комбинација на кожа и Алкантара, а донекаде е изненадувачки што Dodge избра сиви тркала за Black Ghost. Останува да ја почекаме презентацијата на последното седмо специјално издание на Challenger, кое ќе го придвижува легендарниот HEMI, бидејќи претходно беше одлучено следната генерација на еден од најпознатите американски „muscle“ автомобили да биде придвижуван од само електрични мотори.

Слични содржини