Додик: БиХ е пропаднат проект, треба цивилизирано да се разделиме

од Vladimir Zorba

Милорад Додик, српски член на Претседателството на Босна и Херцеговина, во интервју за шпанскиот весник „Ел Мундо“ рече дека „БиХ е пропаднат проект“ и дека најдоброто решение за земјата е „да ги одвои Бошњаците, Србите и Хрватите на цивилизиран начин“.

„БиХ нема да може да опстане од истата причина поради која не преживеа Југославија. Во БиХ има три народи. Два од нив, Хрватите и Србите, се многу незадоволни. Муслиманите сакаат да создадат унитарна држава во која тие ќе бидат доминантен народ“, рече Додик (63).

„Нашата политика не е насочена кон отцепување. Станува збор за поинаква можност, врз основа на оценката дека БиХ нема да биде успешна како држава. Ако тоа се случи, најдобро е да се разделиме на цивилизиран начин“, додаде тој.

Тој нагласи дека Србите нема да „почнат војна за отцепување“, но повтори дека е најдобро да се разделат „ако не може да се живее заедно“.

Посочи дека Србите „го бранат политичкиот процес“ кон постигнување на таа цел и дека приказните за можна војна се „бесмислени“.

Исто така, рече дека БиХ постои како држава само поради притисокот од меѓународната заедница.

„Тоа е експеримент на странци“, нагласи Додик.

„Првата работа што ја предлагам е странците да престанат да ја водат оваа земја бидејќи таа е единствената колонија што моментално постои во Европа. Да најдеме консензус, ако е можно“, рече тој.

Додик смета дека европскиот висок претставник Кристијан Шмит нема право да воведува закони во БиХ.

„На изборите пред три години освоив најмногу гласови, многу повеќе од двајца мои колеги од Претседателството заедно. И сега кога доаѓа овој Германец и вели дека иднината на БиХ нема да се конституира со Додик. Кој мисли дека е?“, рече тој.

„БиХ е неуспешен проект (…). БиХ се соочува со тешка криза. Оваа криза не се појави сега, таа отсекогаш била таму. БиХ е синоним за криза“, заклучи тој.

Слични содржини