Додик: Не ја сакам БиХ, но не сум подготвен да војувам

од Nikola Popovski

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик повторно потврдил дека сака тој ентитет во Босна и Херцеговина да стане независна држава, а овој пат тоа го изјавил за руската телевизија „Раша Тудеј“ (РТ), пренесува хрватски „Индекс“.

– Не ја сакам (БиХ), но не сум подготвен да војувам. Ако не успеам во мојот политички или биолошки живот да создадам ситуација Република Српска да пристапи до статус на независна држава, тогаш ќе бидам задоволен ако оставиме зад себе генерација политичари кои ќе се борат за РС да биде независна земја, изјавил Додик за РТ Балканс.

Тезата на Додик е дека на Балканот ништо не е готово и дека прашањето за границите е отворено и затоа, како што предложи, останува отворена можноста за обединување на РС со Србија. Тој додаде дека е воспитан за приказната за усташите кои ги воделе неговите предци во Јасеновац, па станал свесен дека треба да постои РС, што го опишал како најважен национален интерес на Србија.

Коментирајќи ги односите меѓу Србија и Косово, Додик рекол дека е неопходно целосната независност на Косово да содржи елемент како што е Република Српска денеска во Босна и Херцеговина.

– Ако се согласивте за Заедницата на српските општини, тогаш тоа е тоа – рече Додик. Тој ги нарече „ненормални“ очекувањата дека ќе се промени и најави дека ќе продолжи да се спротивставува на политиката на Западот, особено на САД, за кои тврди дека исклучиво ги фаворизира интересите на Бошњаците.

Слични содржини