Додик: Нема да дозволам БиХ да ѝ помогне на Украина

од Nikola Popovski

Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, во четвртокот рече дека никогаш нема да дозволи земјата да испрати помош за Украина, која би помогнала да се одбрани од руската агресија. По средбата со уште двајца членови на државниот врв во Сараево и со британската министерка за надворешни работи Лиз Трас, Додик на новинарите им потврди дека на дневен ред на нивната средба е ситуацијата во БиХ и таа во Украина, а шефицата на британската дипломатија апелирала до него дека на нападнатата земја секој треба да и помогне според своите можности.

За Додик ова е неприфатливо барање, а тој има теорија дека за рускиот напад врз Украина е виновен на Западот, кој по „години и децении злосторства извршени низ светот“ сега води војна против Русија „до последен Украинец“.

„Тие дури се обидуваат да мобилизираат некои овде во БиХ за да се вклучат во испраќањето опрема или оружје што би можеле да го испорачаме. Се разбира, тоа нема да се случи без одлука на Претседателството на БиХ. Ако го доделите на некој друг начин, тогаш сте шверцер на оружје, кој и да го прави тоа“, кажал Додик, кој тврди дека на дело се плановите на Западот, кој одбива да разговара со Русија.

Тој објасни дека никогаш нема да се согласи со одлуката на Претседателството на БиХ да испорача опрема и оружје на украинската армија.

Од почетокот на руската агресија врз Украина, Додик во најмала форма не ја поддржува нападнатата земја, а рускиот претседател Владимир Путин, чие однесување го осудува најголемиот дел од светот, го нарече мудар и добронамерен.

Слични содржини