Додик: Независна Српска ќе стане членка на ЕУ за 3 години

од Vladimir Zorba

Српскиот член и претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, смета дека Република Српска, како независна држава, ќе ги исполни сите барања поставени од ЕУ и ќе стане нејзина нова членка за три години.

„Најефикасен начин до ЕУ е да се подели и сами да се исполнат условите за членство“, рече Додик во интервју за новинската агенција АНА-МПА, пренесе порталот РТРС.

Тој изрази жалење што Европа не покажала поголема чувствителност на проблемот наречен БиХ, оценувајќи дека никој не сака да види дека БиХ пропаднала и дека таа сè уште се одржува, како што рече, „на инфузија од меѓународниот фактор“.

Додик рече дека, откако БиХ, со целиот притисок од меѓународната заедница, не успеа да заживее како држава, логично е прашањето дали е дојдено време за мирна разделба.

Што се однесува до нон-пејперот што предвидува промена на границите на Балканот, Додик рече дека тој документ не го видел, туку само тоа што медиумите го објавија, ниту знае кој е авторот, но дека знае дека зборуваат за овие прашања во европските метрополи.

„Со Дејтонскиот договор, ние обележавме, воспоставена е граница меѓу Федерацијата БиХ и Република Српска, повеќе од 70 проценти од надлежностите важни за животот на граѓаните се веќе во ентитетите, па зошто да се задржи илузијата за БиХ, која никој не ја сака во оваа форма“, рече тој.

Додаде дека, од друга страна, постои прашањето за Косово и праша како некој замислува да му се додели статус на држава, одземајќи земја од Србија, а Република Српска, сопственик на нејзината територија, мора да остане во БиХ, пренесе Танјуг.

„Се плашам дека политиката на двојни аршини во толку мала област не може да биде одржлива“, истакна Додик.

Слични содржини