Додик: Победив и покрај мешањето на Западот

од Nikola Popovski

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, денеска објави дека победил на претседателските избори во Република Српска одржани во неделата „и покрај мешањето на Западот“.

„Моето вкупно водство, според резултатите од изборите, е 30.000 гласови или околу 5 или 6 отсто. Во сегашните околности, тоа е многу значаен резултат што не може да се доведе во прашање со ниту една акција на опозициските партии, кои западните амбасади ги поттикнаа да предизвикаат нестабилност“, изјави Додик за Тас с.

Тој додаде дека ситуацијата по изборите е „мирна и стабилна“, дека се размислува за формирање нова влада и дека првите средби ќе се одржат денеска.

Опозициските ПДП и СДС, кои тврдат дека изборите одржани во неделата биле украдени со 80.000 до 100.000 гласови, најавија дека ќе бараат пребројување на гласовите на одредени избирачки места и ги повикаа граѓаните на протест во четврток во Бања Лука.

Кандидатот на ПДП и СДС за претседател на Република Српска, Јелена Тривиќ, порача дека нема да се откаже и дека ќе истрае да ја почитува волјата на народот, која, како што вели, е украдена.

Според последните прелиминарни податоци на Централната изборна комисија, Додик освоил 281.369 гласови или 48,30 отсто, додека неговата противкандидатка Јелена Тривиќ освоила 252.603 гласови или 43,36 отсто.

Слични содржини