Договорена новата германска влада – целите се зелена економија и легализација на канабисот

од Vladimir Zorba

Олаф Шолц ќе ја предводи новата коалициска влада во Германија, прва по заминувањето на Ангела Меркел од функцијата канцелар.

Новата влада ќе ја сочинуваат Социјалдемократската партија, чиј лидер е Шолц, Зелените и Либералите.

Една од главните ставки во коалицискиот договор ќе биде преминот кон зелена економија во која ќе се води поголема грижа за животната средина.

Преговорите за новата влада траеа речиси два месеци од парламентарните избори.

Канцеларката Ангела Меркел, која беше на чело на германската влада 16 години – четири изборни циклуси, многу пред изборите најави дека нема да учествува на нив и дека ќе се пензионира.

Нејзината партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), го зазеде второто место на изборите и отиде во опозиција.

Заедно со ЦДУ, во опозицијата по 16 години се приклучува и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

Новата влада ќе се обиде целосно да ја елиминира употребата на јаглен до 2030 година.

Една од целите на коалициската влада е да користи два отсто од територијата на Германија за енергија од ветер, како и да инвестира повеќе во енергија базирана на водород.

До 2030 година 80 отсто од електричната енергија треба да се произведува од обновливи извори на енергија.

Меѓу целите е и легализација на канабисот во лиценцирани продавници, со контрола на квалитетот и дистрибуција.

Германската економија е најразвиена во Европа, така што одлуките што планира да ги донесе новата влада сигурно многу ќе се одразат на соседните земји.

Шеесет и тригодишниот Шолц на прес-конференција рече дека „суверенитетот на Европа е камен-темелник на нашата надворешна политика“.

Тој посочи дека е важно пријателството на Германија со Франција и партнерството со САД.

Додаде дека членството на партиите ќе одлучува за она што во германската јавност се нарекува „семафор коалиција“ поради црвената, жолтата и зелената боја на партиите.

Социјалдемократите победија на изборите на 26 септември, пред сојузот ЦДУ-ЦСУ, кој го забележа најлошиот изборен резултат во историјата.

Зелените под водство на Аналена Бербок го постигнаа најдобриот резултат од основањето.

Слични содржини