Договорот за Брегзит всушност невозможен?

од desk2

Договорот за Брегзит е всушност невозможен откако германската канцеларка Ангела Меркел му порача на британскиот премиер Борис Џонсон дека Северна Ирска мора да остане во Европската царинска унија, изјави во вторникот извор на Downing Street.

Само 23 дена пред Велика Британија да ја напушти ЕУ, иднината на Брегзит е сè уште неизвесна, а Лондон и Брисел зазедоа позиции за да ја избегнат вината за одложување или заминување без договор.

Лидерите на ЕУ ладно ги отфрлија предлозите на британскиот премиер Борис Џонсон за да се надминат разликите и додека преговорите продолжуваат, многу дипломати велат дека шансите за „брз договор“ пред 31 октомври се мали.

Извор од канцеларијата на Џонсон за Downing Street изјави дека Меркел разговарала со британскиот лидер во вторникот наутро и јасно ставила до знаење дека е „скоро неверојатно“ да се постигне договор.

Меркел рече дека заради договорот, Северна Ирска треба да остане во Европската царинска унија и засекогаш да остане целосно согласна со ЕУ, рече изворот.

„Ако ова претставува нова цврста позиција, тогаш тоа значи дека договорот е всушност невозможен, не само сега, туку засекогаш“, споделил изворот на Downing Street.

„Исто така беше јасно дека тие се подготвени да го торпедираат договорот постигнат на Велики петок“, додава изворот.

Непосредно пред тоа, медиумите објавија дека Велика Британија ќе заземе агресивен став кон Европската унија доколку не успеат преговорите за „Брегзит“, заканувајќи се дека ќе ја повлечат безбедносната соработка за да го убедат блокот да не дозволи дополнителни одложувања.

„Оваа влада нема да преговара понатаму, така што секое одложување би било целосно бесмислено“, изјавиле извори за канцеларијата на британскиот премиер.

„Значи, или тие ќе го напуштат блокот без договор на 31 октомври или ќе има избори и тогаш тие ќе заминат без договор“, објаснува изворот.

Опозициската Лабуристичка партија го оцени ова како обид за саботирање на преговорите со Европската унија.

„Тоа е уште еден циничен обид на Downing Street да ги саботира преговорите“, рече портпаролот за „Брегзит“ од редовите на Лабуристите, Кир Стармер.

„Борис Џонсон никогаш нема да превземе одговорност за сопствениот неуспех да постигне договор со кредибилитет. Од првиот ден, неговата стратегија беше да склучи договор без договор“.

„Сега е поважно од кога и да било парламентот да се обедини за да се спречи оваа неразумна влада да не протера од ЕУ на крајот на месецот“, истакна тој.

Слични содржини