Дојавите за бомби се поради тоа што не воведовме санкции кон Русија, вели Брнабиќ

од Nikola Popovski

Дојавите за бомби во Србија се притисоци од странство поради тоа што не воведовме санкции кон Русија и се внимателно планирани, изјави на денеска премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.

„Ние сме единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија, а притисоците се неверојатни од ден на ден“, рече таа како гостин на ТВ Пинк.

Во последните месеци, од почетокот на руската инвазија на Украина, јавните објекти во Белград беа цел на лажни дојави за бомби.

Брнабиќ истакна дека овие пријави „секако“ доаѓаат од странство, што, како што наведе, говори и тоа што дојава стигнала и за белградскиот Тропикариум, за кој повеќето граѓани не ни знаат дека постои.

„Некој погледнал какви може да бидат сите туристички атракции, кај нас тропикариумот е мал и повеќето не знаат за тоа и тоа ви покажува дека некој го планирал и дека доаѓа од странство, затоа што ако некои од Србија го смислиле тоа, никогаш не би испратиле дојава до Тропикариумот“, објаснила Брнабиќ.

Таа нагласила дека невоведувањето санкции кон Русија е „исклучително скапо“ и дополнително го забавува понатамошниот раст на земјата, бидејќи главното прашање за инвеститорите стана зошто Србија сè уште не воведе санкции кон Русија.

Министерот за полиција Александар Вулин на 17 мај изјави за информациите дека се работи за „специјална војна што се води против Србија“, не наведувајќи детали.

Министерот за образование на Србија Бранко Ружиќ истиот ден потврди дека во сите проверени училишта било констатирано дека пријавите за бомбите се лажни.

Слични содржини