Докажано со ДНК анализа: Кучињата се најстарите пријатели на човекот

од Stefanija Kuzmanovska

Најдобриот пријател на човекот од животинскиот свет е веројатно и неговиот најстар „придружник“, покажа студија за кучешка ДНК објавена во списанието Science.

Анализите покажуваат дека кучето е припитомено некаде пред 11.000 години, околу крајот на последното ледено доба, што значи дека се случило пред кој било друг познат вид. За споредба, мамутите живееле на нашата планета околу седум илјади години после тоа.

„Прашањето е зошто луѓето го сториле тоа и како дошло до тоа. Тоа нè интересира на крајот“, изјави за Би-Би-Си Понтус Скоглунд, коавтор на студијата и лекар кој се занимава со антички геноми, од институтот Крик во Лондон. Тој додава дека не е јасно кога точно и каде се случило првото припитомување.

„Кучињата се наши најстари и најблиски животински партнери. Со помош на ДНК на древните кучиња, можеме да видиме колку далеку оди во минатото нашата заедничка историја и тоа ни помага да разбереме кога и каде започнала таа длабока врска”, рече Грегер Ларсон, коавтор на студијата на Универзитетот во Оксфорд.

Се смета дека кучињата еволуирале од волци кои се осмелувале да влезат меѓу луѓето, можеби душкале наоколу барајќи храна. Кога биле скротени, тогаш можеле да им служат на луѓето како придружба за на лов или чувари. Резултатите сугерираат дека сите кучиња потекнуваат од единствена изумрена популација на волци, или можеби од повеќе тесно поврзани.

Многу животни, како што се мачките, веројатно биле припитомени кога луѓето се населиле во трајни населби, пред околу 6.000 години. Тие беа корисни за уништување на глувци. Нивното припитомување веројатно се одвивало во лулката на земјоделството на Блискиот исток.

„За кучињата, тоа би можело да биде насекаде: во студениот Сибир, топлиот Блиски исток, југоисточна Азија. Сите тие можности се на ум”, објасни Понтус Скоглунд.

Слични содржини