Доктор во болница во Њујорк за коронавирусот: 11-ти септември не беше ништо во споредба со ова

од Vladimir Zorba

Бројот на заразени со коронавирусот во Америка надмина 100.000, а ситуацијата во Њујорк ескалира од час во час, при што се заканува колапс на здравствените служби.

Синоќа сирените одекнуваа низ градот додека амбулантни возила брзаа низ празните улици за да стигнат до сите пациенти. Дневните повици на брза помош скокнаа за 40 проценти на 6.500, што е највисока во историјата.

Во петокот околу 85 лица починаа во градот, што значи дека просечно еден жител на Њујорк умира на секои 17 минути. Бројот на смртни случаи од коронавирусот во градот сега е 535, со потврдени повеќе од 45.000 заразени.

Во градските болници, здравствените работници се сведоци на неверојатни сцени на страдање и смрт.

– Пекол. Библиски. Луѓето влегуваат, ние ги интубираме, тие умираат и циклусот се повторува. 11-ти септември не беше ништо во споредба со ова. Тогаш чекавме да пристигнат пациенти кои, за жал, никогаш не дојдоа кај нас. Сега тие не престануваат да доаѓаат – изјави д-р Стив Казапидис за „Дејли мејл“.

Болниците наликуваат на воена зона, вели д-р Емад Јусиф, опишувајќи како ходниците се преплавени со пациенти, прикачени на боци со кислород.

За разлика од хаотичната состојба во болниците, улиците се целосно празни. Туристичките атракции како што се Тајмс Сквер и мостот во Бруклин беа без посетители за време на топлиот пролетен ден, кога обично би биле преполни.

На прес-конференцијата во петокот, градоначалникот Бил де Блазио рече дека здравствениот систем во градот има персонал и опрема за уште една недела.

– Јас сум многу загрижен за тоа што ќе се случи по 5 април. Ни треба помош за да избегнеме катастрофа. Луѓето треба да бидат подготвени да се борат, а голата вистина ни помага да разбереме против што се бориме, додаде тој.

Епицентарот на кризата засега е Квинс со повеќе од 8.000 случаи и дневно зголемување од 36 проценти. Бруклин, најнаселената област, има 6.750 случаи, што е за 26 проценти повеќе од четвртокот. Бронкс има 4.655 случаи, додека Менхетен 4.478 – и двете населени места со пораст од 18 проценти.

Како што расте бројот на заразени луѓе низ Америка, бројни градови сега се потенцијални нови жаришта, а загрижувачки раст е забележан во Чикаго, Бостон и Њу Орлеанс.

Експертите предупредуваат дека врвот на епидемијата во земјата е сè уште далеку, и дека сите делови од неа се изложени на ризик.

Американските војници, исто така, со загриженост го следат порастот на заразени со вирусот во Чикаго, Мичиген, Флорида и Луизијана за да утврдат каде да ги подигнат следните теренски болници.

По Њујорк, Сиетл во моментов има најголем број случаи, 2.747, по што следат Детроит, Бостон и Чикаго, сите со повеќе од 2.000 случаи.

Слични содржини