Докторката на Тони Трајковски на суд ќе ја образложи неговата здравствена состојба

од Nikola Popovski

Судот ја повика на следното рочиште за „ТНТ“ докторката која на обвинетиот Тони Трајковски му издала медицинска документација за јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето.

Од Судот информираат дека е повикана докторката – професор од овластената клиника која на обвинетиот Тони Трајковски му издала медицинска документација дека истиот има здравствени проблеми и неможе да ја следи расправата.

„Заради интерес на медиумите кои го следат судењето за предметот со КОК бр. 53/17 познат како „ТНТ“ ја информираме јавноста дека за главната расправа насрочена на 20.01.2020 год. судот ја повика докторката – професор од овластената клиника која на обвинетиот Тони Трајковски му издаде медицинска документација дека истиот има здравствени проблеми и неможе да ја следи расправата.

Со цел утврдување на фактичката состојба, доследно почитување на правата на странките во постапката, како и јавниот интерес за предметот, судот ќе и овозможи на докторката јавно да ја образложи здравствената состојба на обвинетиот и причините за неговата спреченост да присуствува на судењето, за што веќе има издадено соодветна документација“, се вели во соопштението од Судот.

Судот го прифати барањето на одбраната за одложување на вчерашното рочиште за предметот „ТНТ“, откако беше доставена лекарска документација дека обвинетиот Трајковски е под терапија и не е во состојба да учествува на судските рочишта.

Предметот за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

Слични содржини