Долниот дом на британскиот парламент го одобри контроверзниот нацрт-закон за „Брегзит“

од Vladimir Zorba

Британските пратеници денеска го одобрија контроверзниот нацрт-закон на владата на Борис Џонсон, со кој се доведуваат во прашање одредени точки од договорот меѓу Лондон и Брисел за „Брегзит“.

Предлог-законот доби 340 гласа „за“ и 256 „против“ во третото читање во долниот дом на британскиот парламент, што му го отвори патот на горниот дом на парламентот, Домот на лордовите, да расправа за него.

Една од точките на спорниот предлог закон се однесува на британската провинција Северна Ирска. Според договорот меѓу Лондон и Брисел, предвиден е механизам што ќе избегне воведување на физичка граница меѓу таа покраина и Ирска. Британците би сакале измени во таа одредба, што предизвика незадоволство во Брисел.

ЕУ побара од Велика Британија да го повлече нацрт-законот, заканувајќи се дека ќе се обрати до судовите за решавање на ова прашање.

Оваа недела во Брисел се одржува деветтата рунда преговори меѓу Велика Британија и ЕУ за идните трговски односи меѓу двете страни.

Слични содржини