Дончиќ: Ако забијам преку Леброн, можам слободно да се откажам од кошарка

од desk4

Сметаниот за сигурен избор во Топ 3 на овогодинешниот Драфт на НБА, Лука Дончиќ даде интервју за „Yahoo Sports“, во кое изјави дека нема трпение да дојде време во кое ќе заигра во САД. Во моментов 19-годишниот бек е на финалната права на сезоната со Реал Мадрид, откако порано во текот на годината ја освои Евролигата и во меѓувреме беше избран за MВП на регуларната сезона и на Ф4.

Сега Лука и Реал се само на победа од уште една титула – онаа во шпанската АСВ Лига, каде водат со 2-1 во финалната серија против Басконија. Словенецот привлекува интерес од бројни НБА тимови, а Феникс, Сакраменто и Атланта дури испраќаа свои луѓе во Шпанија, за да се уверат во неговите вештини.

„Ако забијам преку Леброн, можам слободно да се откажам од кошарка. Се шегувам, се разбира. Но, не можам да дочекам да дојдам во САД“, рече Дончиќ за „Yahoo Sports“.

„Сакам да играм на позицијата плејмејкер, топката да биде во моите раце и да создавам шанси за другите. Силата што ја имам пред сите други е што можам да играм на четири позиции – од 1 до 4. Секогаш доаѓам со мислата да ги подобрам моите соиграчи. Јас би сторил сè за мојот тим. Среќен сум кога играм како плејмејкер, сè е полесно. Можам да создадам можности за другите“, вели Дончиќ.

„Сакам да играм „пикенрол“ со топката и да трчам. Од самиот почеток секогаш сакав да бидам бек шутер“, додава бисерот на Реал.

Еден од најдобрите плејмејкери, кои играле во НБА, исто така, се изрази позитивно за Дончиќ. Стив Неш ја опиша словенечката сензација како „талент за кој сите сонуваат“. Канаѓанецот го пофали неговото раководство, како и способноста да задржи неколку позиции и да има победнички менталитет.

„Мој омилен играч е ЛеБрон. Неверојатно е, може да игра на сите позиции, дури и како центар. Не ми пречи ако бидам споредуван со него“, продолжува Дончиќ.

„Се сѐ случува многу брзо. Прво, играм во сениорскиот тим на Реал, заедно до играчи кои се 15-години постари од мене, а сега доаѓа ред и на овој скок“, ја резимира својата кариера досега Лука.

„Дури по мојата деби сезона ќе можеме да кажеме кој направил грешка, откако не ме избрал во Драфтот. Треба да го покажам тоа со својата игра“, завршува Дончиќ, кој ќе патува до Њу Јорк за Драфтот на 22 јуни, доколку Реал ја затвори серијата со Басконија вечерва.

Слични содржини