Донесен ребалансот на Буџетот за 2019 година

од Vladimir Zorba

Пратениците денеска со 56 гласови „за“ го изгласаа дополнетиот ребаланс на Буџет за 2019 година, со кој според Владата, се врши алоцирање средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми ефекти, повеќе пари кај граѓаните и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплата на повисоки плати.

Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, вкупните расходи се утврдени на износ од 228,2 милијарди денари, а дефицитот останува непроменет и е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари. Со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 3,5 отсто.

Целта на ребалансот на Буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ).

Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.

Расходната страна на Буџетот е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.

Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.

Се обезбедуваат средства за непречено функционирање на ново формираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, обезбедување на дополнителни средства во износ од 560 милиони денари (а во првата половина на годината со реалокации се обезбедени уште 355 милиони денари) како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите, средства за колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО, соопшти Владата.

Измените во Буџетот за 2019 година, меѓу другото обезбедуваат дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор. Предвидени се и средства за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица во износ од 300 милиони денари.

Со ребалансот на Буџетот се обезбедува мерката субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари, која има за цел да стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра. Исто така, предвидени се дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања. Предвиден е поголем трансфер од буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста.

Според заменик-министерката за финансии Ширет Елези, која учествуваше во расправата, од овој ребаланс за граѓаните се обезбедува поддршка за поголеми плати во вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во јавната администрација, повеќе средства за поддршкана активни мерки за вработеување за невработените граѓани и првпат на граѓаните ќе им бидат вратени првите пари преку проектот мој ДДВ.

Пред пратениците ребалансот го образложуваше министерката за финансии Нина Ангеловска.

Расправата по дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2019 година пред пратениците почна во понеделникот. Во расправата опозицијата оцени дека тој е популистички, а мнозинството дека е развоен и дека ќе помогне за поголема реализација на капиталните инвестиции,

Слични содржини