Донесена Фискалната стратегија за 2022-2024 година

од Vladimir Zorba

Владата денеска ја донесе и ревидираната Фискална стратегија на Република Северна Македонија за 2022-2024 (со изгледи до 2026), како клучен инструмент за среднорочно буџетско планирање и при креирањето на среднорочната фискална рамка.

Ревидирањето на Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за 2022-2026 година е во согласност со праксата на развиените земји и е неопходнo заради промените настанати во тековната 2021 година во однос на макроекономските и фискалните параметри.

Подобрувањето на управувањето со јавни финансии, а со тоа и на Фискалната стратегија како еден од најважните стратешки документи на една влада е поставено меѓу клучните приоритети на Владата, а се базира на определбата за постигнување на фискална консолидација и одржливост на јавните финансии; на забрзан економски раст, на зголемен обем на реализација на јавните инвестиции, на подобреното буџетско планирање согласно меѓународни пракси, на зголемувањето на фискалниот капацитет и дисциплина на општините, како и на подобрената фискална транспарентност.

Среднорочната фискална стратегија e во согласност со среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата како и на утврдените стратешки приоритети за 2022 година како што се обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните; справување со последиците предизвикани од светската пандемија предизвикана од пандемијата со КОВИД-19; успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија; развивање на одбранбена политика во функција на развојот, независноста, територијалниот интегритет, безбедноста на граѓаните и колективната безбедност; владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност; квалитетно образование достапно за сите, согласно побарувачката на пазарот на трудот, развој и унапредување на културата и спортот; модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти; целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, градење на граѓанска држава со етничка и социјална кохезија, врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување; и заштита на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени.

На денешната седница Владата ја донесе и Ревидираната стратегија за управување со јавниот долг на Република Северна Македонија за 2022-2024, со проекција до 2026 година, со која се утврдува висината на јавниот долг на среден рок, максималниот износ на нето задолжување во првата година во која се однесува стратегијата, максималниот износ на ново издадени државни гаранции во првата година за која се однесува стратегијата и структурата на државниот долг.

Ревидирана стратегија за управување со јавен долг ѝ дава рамка на Владата на Република Северна Македонија за дејствување во насока на прудентно управување со јавниот долг на државата на среден рок и финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок, и со одржливо ниво на ризик.

Слични содржини