Досега 6.494 лица се реинфецирале, 17 од нив се разболеле по третпат

од Берта Китинска

Процентот на позитивност во периодот од 24 до 30 јануари годинава се движи од 22,5 до 35,8 отсто и просечно изнесува 30,3 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (50,6 проценти), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци, се вели во извештајот на Институт за јавно здравје.

Во овој период биле пријавени 1.558 реинфекции или една четвртина од вкупниот број повторни заразувања. Тоа е скоро идентичен број во однос на претходната седмица. Од почетокот на пандемијата до денес, регистрирани се 6.494 реинфекции, што е 2,4 проценти од вкупниот број позитивни случаи во земјава, а од нив 17 се болни кои се разболеле по третпат.

Минатата недела биле тестирани се вкупно 38.518 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од два проценти во однос на претходната недела. Регистрирани сe 11.916 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со зголемување од 2,7% во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 22,5% до 35,8%, просечно 30,3%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци.

Меѓу болните, најзастапени се возрасните групи над 60 години и од 30 до 39години. Најмал број е регистриран кај возрасната група до 9 години. Се забележува намалување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 11% кај возрасната група од 10-19 години, додека зголемување се забележува кај оние од 50- 59 години и над 60 години.

За една недела пријавени се 148 смртни случаи во 26 градови што е за 38,3% повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (48). Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (12), 40-49 години (2) и 20-29 години (2).

Слични содржини