Дождот направи хаос во Грција: Колапс во сообраќајот, дел од Атина без струја (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Обилните дождови денеска ги поплавија улиците на градовите Атина и Солун, поради што грчките противпожарни служби добија бројни повици за помош.

Во атинското предградие Неа Филаделфија, учениците напуштиле училница со тоа што морале да направат „мост“ од училишните клупи за да излезат, додека сообраќајот бил запрен на улиците кога водата се искачила на опасно ниво, објави „Катимерини“.

Автопатот Атина-Ламија, како и авениите Александрас и Кифишија во градот, биле пренатрупани. Министерството за цивилна заштита ги повика граѓаните да не излегуваат на улица, освен во случај на вонредна состојба.

Многу делови од Атина денеска останаа без електрична енергија, вклучително и населбата Панграти.

Локалните медиуми од Солун објавија дека за само неколку часа наврнале повеќе од 25 сантиметри дожд, што е еднакво на половина од дождот што падна во септември во тој град.

Слични содржини