Др.Беќаровски: Да не дозволиме да се удавиме сега кога се надѕира копното

од Берта Китинска

Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија по повод 1 мај денот на трудот на својот Фејсбук упати порака до граѓаните  објаснувајќи дека докторите немаат повеќе сила за уште еден бран и да не се дозволи  како што тој вели да се удавиме сега кога се надѕира копното.

-Се ближи 1 мај денот на трудот. Ако некој оваа чудна, непредвидлива и тажна година, максимално го вложи целото свое знаење, професионалност, труд, а за жал многумина и своите животи на своето работно место, тоа се вработените во сите Ковид центри во светот

Голем дел од нас дури и на овој празничен ден ќе бидат на своите работни места, во надчовечката борба за спас на Вашите комшии, пријатели, роднини, сограѓани. Не бараме аплаузи, не бараме награди, бараме само малку почит за нашите исусовски маки.

Во името на сите мои преморени колеги и здравствени соработници, најпонизно Ве замолувам, немојте во престојните празнични денови, повторно да ни го обесчестите целиот повеќемесечен деноноќен труд. Немаме повеќе сила за уште еден бран. Да не дозволиме да се удавиме сега кога се надѕира копното.

Само Вие со Вашето примерно однесување можете да спречите повторно да се разбранува немирното море, кое конечно покажува знаци на смирување.

Оваа година денот на трудот се поклопува со велигденските празници. Ние трудбениците Ве молиме, празниците прославете ги НАДВОР, под сјајното македонско сонце, а подалеку од било какви затворени објекти.

Секое собирање и групирање во затворени простори, неминовно ќе доведе до нови жртви, а вирусот не знае ниту за возраст, ниту за пол, нација, вера, класа, пишува Беќаровски.

 

Слични содржини