Др.Пановски: Ако немате сертификат, не може да одите во тоалет во кафеана – апсурдноста на оваа мерка кулминира

од Берта Китинска

Комисијата за заразни болести предложи да се укине задолжителното поседување сертификат за вакцинација или прележаност на ковид-19 за влез во земјата, но сертификатот за влез во затворен дел на угостителските објекти продолжува да важи бидејќи КЗБ смета дека е потребно постепено олабавување на рестрикциите.

Според микробиологот д-р Никола Пановски сертификатите во било која форма немале и немаат никакво медицински оправдание.

-Сега, со појава на омикрон варијантата се апсурдни. Зошто во извештаите на ИЈЗ се споменуваат реинфекции, а веќе четири месеци не се споменуваат инфицирани, а вакцинирани? За да не се види апсурдноста на оваа таканаречена мерка, која инаку нема никакво значење. Сопствениците на сертификат се заразуваат исто толку често колку и оние кои го немаат доколку се на иста возраст. Инаку, младите, од кои ретко кои има сертификат се заразуваат многу поретко од возрасните кои поседуваат сертификат, вели тој.

Професорот смета дека нема логика да остане активна мерката за задолжително поседување ковид-сертификат за влез во затворените делови на угостителските објекти, кога веќе се укинуваат за влез во многу други објекти, вклучително и трговските центри.

-Ако ги споредите затворените простори на спортските натпревари, во нив има многу погусто збиени навивачи. Ако се работи за ноќните клубови, во нив престојуваат млади лица кои многу лесно поминуваат и ако се заразат, па со омикрон варијантата и не е лошо да се заразт, појаснува тој.

Пановски објаснува дека со оваа апсурдна мерка, лицата кои не поседуваат сертификат не можат да влеза во тоалет бидејќ тој се наоѓа во затворениот дел од угостителските објекти.

-Како прво јас не знам што е отворен дел. Ако го споредам со тоа каде се пуши, тоа се затворени тераси од три страни со стакло, а четвртата страна води кон таканаречениот затворен дел, во кои и онака ретко кој седнува. Одозгора исто така е покриен објектот. Инаку ако немате сертификат, не може да одите во тоалет, тој е скоро секогаш во таканаречениот затворен дел. Со тоа апсурдноста на оваа мерка кулминира. Ако седнам во таканаречениот отворен дел, според Закон, мора да имам можност да користам тоалет, а немам, појаснува микробиологот додавајќи :

„Aко тој што бил во тоалетот претходно, не носел маска и таму кашлал или кивал, во следните 5 до 10 минути може да се заразите. Затоа и понатаму препорачувам за постари и хронично болни, ако влезат во тесен простор, каков што е лифт или тоалет во јавен објект да користат заштитна маска“.

Б.М.

Слични содржини