Др.Пановски: Mладите имаат сертификати од други лица и слободно влегуваат каде сакаат

од Берта Китинска

Денеска започнува примената на новата ковид-мерка влез во затворени места само со примени две дози вакцини. Микорбиологот д-р Никола Пановски во разговор за „Локално“, вели дека оваа мерка нема да придонесе поголем интерес за имунизација кај населението, објаснувајќи дека за да се натераaт граѓаните да се вакцинираат потребни се стимулативни мерки

-Луѓето, особено младите се снајдоа, имаат сертификати од други лица и слободно влегуваат каде сакаат. Четири месеци вакцинирани со една доза влегуваа секаде иако немаа развиено имунитет во првите две недели по прием на вакцината. Со самото тоа што сертификати добиваа лица кои немаа развиено имунитет, таа мерка немаше медицинска оправданост. Дури сега добива медицинска оправданост. Се разбира тие што примиле прва доза, веројатно примиле и втора. Затоа сметам дека за оние што до сега не се вакцинирале, оваа мерка нема да има ефект, односно нема да ги натера да примат прва доза сега, ако до сега не примиле. Треба стимулативни мерки и научен и искрен пристап во кампањата за вакцинација, која до сега од неразбирливи причини ја нема, објаснува микорбиологот , додавајќи дека е „невозможна мисија“ да се натераат антиваксерите да примаат вакцина против ковид.

Пановски  предлага  да се воведе онлајн настава за децата во декември и да се затворат ноќните клубови со цел да не се зголеми бројот на заразени лица

 -Кога сите ги заоструваат мерките, ние ги олеснуваме!!! Се реагира отпосле, кога е доцна. Зар не се извлече поука од летото?!! Би затворил ноќни клубови, ресторани само со 30% капацитет до 22 часот и би вовел онлајн настава за децата во декември, предлага докторот.

Сам не треба да се лекува никој, па дури и ако е доктор 

Стравот од прием во болница од која шансите да се вратите жив дома е под 50% е сосема разбирлив. Дел од матичните лекари се уште лекуваат по телефон, што е недозволиво. Сам не треба да се лекува никој, па дури и ако е доктор, објаснува Пановски коментирјќи го зголемениот број на заразени лица кои решаваат да се лекуваат во домашни услови.

-Јас за моите деца консултирам и ги праќам на преглед кај матичен лекар. Значи пораката е да остават матичниот лекар да ги води и да одлучи дали и кога треба да одат на преглед кај специјалист, дали и кога да направат рентген и лабораторија, дали да мерат сатурација на кислород, смета тој.

Во однос на зголеменото ширење на вирусот кај младите, микорбиологот  смета дека доколку се направи скрининг за антитела кај нив ќе се види дека голем број од нив веќе го поминале вирусот без да знаат за тоа.

-Тогаш би знаеле какви мерки треба да се преземат. За жал кај нас здравствените власти не признаваат ниту антитела, ниту прележаност, тука само вакцини по секоја цена. Дали водат здрав живот е прашање за специјалистите по социјална медицина. Оние кои се бават со спорт, кои возат велосипеди и избегнуваат ноќни клубови, обложувалници, алкохол, тутун и не дај боже наркотици, живеат здраво. Колкав е тој број не можам да кажам. Така да, кај нив е скоро невозможно да се спречи ширењето на вирусот. Вакцината е дел од решението, но сепак мислам дека кај нас природниот стекнатиот имунитет кај нив е во голема мерка воспоставен. Мојот апел до нив е кога се во контакт со постари лица да ги почитуваат мерките на заштита, смета Пановски.

Б.М.

Слични содржини