Драгана Фитлајф: Седењето дома не смее да е изговор за неактивност и постојано јадење и грицкање

од Elena Daskalova

Во време кога мораме да останеме дома, многу е важно да не заборавиме на здравите животни навики кои ги практикувавме пред да биде препорачана самоизолација.

Многумина од нас веќе работат од дома или пак се целосно изолирани, што секако влијае врз нашиот живот. Сите вежбачки капацитети се привремено затворени, но тоа не значи дека навиките не можеме да ги практикуваме и во вакви услови. Дека тоа е навистина така, во разговор ни потврди и Драгана Младеновска, инструктор по аеробик и пилатес, сопственик на студиото „Фитлајф“. Таа ни открива дека заедно со другите инструктори и клиентите веќе две недели одржуваат тренинзи онлајн, кои се покажаа за доста успешни.

Вие сте едни од првите студија што тренинзите ги пренесоа од сала на интернет, со видеа во живо и тоа одлично функционира. Од каде црпите мотивација за сето тоа?

Да бидам искрена, мотивација ми се вежбачите, тие ми беа поттик за се ова. За мене лично е незамисливо да бидам неактивна, јас искрено не знам како се прави тоа. На самиот старт беше неизвесно колку ќе трае изолацијата и уште е но, сега барем знаеме дека уште еден месец сигурно ќе бидеме дома. Дури и на почетокот кога мислевме дека во прашање се можеби само две недели не сакав да седам со скрстени раце и да чекам да пројде тој период, едноставно имам должност и одговорност кон моите клиенти, јас сум среќна кога тие се среќни, кога ги гледам нивните насмевки после убав тренинг. Решив да пробам еден тренинг online и бев позитивно изненадена од фидбекот. Без размислување продолживме понатаму, нормално заедно со сите други инструктори кои ми се секогаш најголема поддршка за се.

Од среда (25.03) „Фитлајф“ и официјално добива виртуелни онлајн тренинзи, направиме опција да може да ни се приклучи било кој без разлика дали вежба кај нас или не и без разлика од кој град е.

Имаме опција за два типа на тренинзи и тоа: пилатес и хата јога. Пилатес тренинзите не се класични пилатес часови туку се комбинација од кардио вежби, вежби за сила, еластичност, тонирање и затегнување. Тренинзите ќе се одржуваат 4 пати неделно во живо и тоа во понеделник/среда/петок во 19.00 часот и во сабота во 10.00 часот со опција секој да може да си вежба и кога сака во денот.

Јогата ни е резервирана 2 пати неделно на исти принцип со тоа што часовите јога во живо ќе одат во вторник и четврток во 17.00 часот.
Со плаќање на симболична членарина клиентите можат да изберат да вежбаат што сакаат и да добијат одличен тренинг од удобноста на својот дом.

Што би ни советувале во однос на исхраната додека сме изолирани?

Првиот совет ми да не ја користиме досадата и седењето дома како изговор за постојано да јадеме и да грицкаме. Калорискиот суфицит може да предизвика проблеми и воопшто не е пријател на нашето здравје и на имунитетот. За да останеме силни во овој период храната е клучна и таа мора да биде балансирана и урамнотежена. Слатки, чоколади, кока кола, чипсови и слично се наши најголеми непријатели и мораме да ги заборавиме доколку сакаме силен имунитет и добро здравје, но секако и убава фигура.
Разновидни оброци кои ги содржат сите макронутрититенти како и многу витамини и минерали се клучни во овој период.
Треба да го храниме телото со овошје и зеленчук, со полновредни протеини кои ги има во месото, јајцата и рибата, со здрави масти кои ги има во јаткастите плодови, семињата, семките, ладно цедените масла, во рибата и слично. Салатата нека биде задолжителна со секој оброк! Исто така битно е да пиеме доволно вода, но не и засладени чаеви и напитоци како и газирани сокови. Храната има многу голем импакт врз нашето здравје и врз имунитетот, така што во овој период е многу битно разумно да ги бираме оброците и да сме свесни за намирниците кои ги внесуваме.

За сите кои сакаат да готват здрави оброци на мојот сајт можат да најдат многу идеи кои се баш добредојдени во овој период.

Кои се според вас топ 3 намирници кои мора во овој период да бидат дел од исхраната?

Мораме да знаеме дека нема магични намирници и дека нашето целокупно здравје е рефлексија на стилот на живот кој го имаме. Нема лимонот и ѓумбирот да не направат посилни, но ако ги комбинираме со други здрави навики, ако вежбаме и сите други оброци во денот ни се балансирани и разновидни ќе добиеме многу, ќе имаме силен имунитет, добро здравје и одлично расположение.

Во овој период мораме да се фокусираме на разновидноста на оброците и како што кажав погоре да гледаме на здравјето од повеќе аспекти. Нема поента да бараме магични намирници, но секако можеме да му помогнеме на имунитетот со чаша цеден сок од лимон наутро, со чинија зелена свежа салата заедно со ручекот, со топла супа од зеленчуци која ќе си ја подготвиме сами или со топол чај од билки во кој нема да додаваме засладувачи.

Какви вежби во домашни услови препорачувате? Може ли да останеме фит дури и кога поголемиот дел од времето го поминуваме дома?

Седењето дома не смее да биде изговор за физичка неактивност, нашите online тренинзи што ги направивме се токму затоа, да се потрудиме физички да ги активираме луѓето од удобноста на својот дом. Има мал милион вежби кои можат да се прават без никаква опрема, тоа се вежби во кои ја користиме тежината од сопственото тело. Всушност ваквите тренинзи ја забрзуваат циркулацијата, ги издолжуваат мускулите на елегантен начин и што е најбитно го намалуваат стресот и ја зголемуваат енергија.

Тоа што шетањето е редуцирано значи дека трошиме многу помалку отколку порано. Доколку сакаме да останеме фит и да си ја зачуваме формата и кондицијата, вежбањето дома моментално е повеќе од потребно.

За некој кој сака да биде активен, нема изговори!
Еден час во денот за здравје, за убава енергија, за фит тело и позитивни мисли имаме сите!

Фотографии: Александар Вржалски

Подготви: Е.Д.

Слични содржини