ДРАМА ВО БРИСЕЛ: Полицијата со водени топови растури забава во парк (ВИДЕО)

од Берта Китинска

Белгиската полиција денес употреби солзавец и водени топови за да растера илјадници млади луѓе собрани во бриселскиот парк на забава и покрај бравата, а настанот започна како првоаприлска шега на Фејсбук, пренесува Ројтерс.

Околу 2.000 луѓе се појавија на крајот од топлиот и сончев ден за да присуствуваат на „Ла Бум“ (забава) во паркот Боа де ла Камбра, соопшти локалната полиција, иако организаторите неколку дена претходно открија дека нивниот повик на социјалните мрежи е шега.

Локалните медиуми проценуваат дека имало околу 5.000 собрани.

Стотици полицајци, многумина во опрема за разбивање демонстрации, а некои и на коњи, ги растераа младите кои се забавуваа покрај езерото во паркот, со помош на камиони со водени топови и солзавец.

Ројтерс пренесува дека најмалку двајца цивили биле повредени во судирите, вклучувајќи и една жена која била соборена од полициски коњ.

Портпарол на полицијата изјави дека тројца полицајци се повредени, а четири лица се уапсени.

Многу млади кренаа тупаници во воздух и скандираа „слобода“, а некои фрлаа шишиња и камења кон полициските камиони.

“Сите сме депресивни. За две недели ќе наполнам 18 години, сакаме да ја искористиме својата младост”, рече средношколката Амели, која дојде на забавата.

„Не дојдовме да ја иритираме полицијата, туку да покажеме дека и ние имаме живот и сакаме да уживаме во тоа“, додаде таа за Ројтерс.

Слични содржини