Државата на која ѝ се затворени вратите на СЗО: Успешна против коронавирусот, но политички трн

од Stefanija Kuzmanovska

На Тајван, една од ретките држави која успешно го спречи ширењето на коронавирусот, се уште ѝ се затворени вратите на Светската здравствена организација (СЗО). И тоа поради специфичниот однос што државата го има со Кина, пренесува „б92“.

Сето ова излезе на виделина за време на викендов, кога еден висок официјален претставник на СЗО избегна да даде одговор за Тајван во ТВ-интервју кое стана вирално. Сега многумина го критикуваат и обвинуваат за пристрасност.

Што се случи?

Во саботата, РТВК со седиште во Хонг Конг емитуваше интервју со Брус Ијлвард, помошник на генералниот директор на СЗО, кој разговараше со новинарката Ивон Тонг на видео повик. Новинарката го праша Ијлвард дали ќе размисли да му дозволи на Тајван да пристапи во СЗО, а тој рече дека не може да ја слушне добро и да премине на друго прашање.

Кога новинарката повторно го праша за Тајван, Ијлвард го прекина видео повикот. По повторното воспоставување на врската, новинарката инсистираше на прашањето за Тајван, а Ијлвард одговори: „Па веќе разговаравме за Кина“. Се чини дека тој го дели ставот на Кина за Тајван, додека Тајван себеси се смета за независна држава.

Каков е односот помеѓу Тајван и СЗО?

Членството во СЗО им се доделува само на земјите-членки на Обединетите нации – кои не го признаваат Тајван – или чии апликации се одобрени од Светско здравствено собрание.

Тоа значи дека Тајван е исклучен од итните состаноци и важните глобални стручни брифинзи за пандемијата на коронавирусот.

Од ова произлегува дека статистиката на СЗО за Тајван се наведува според кинеските податоци, со што на светот му се ускратени вистинските информации за ситуацијата на островот.

Зошто исклучувањето на Тајван е проблем?

Тајван гласно приговара кога е исклучен од некое глобално тело, велејќи дека тоа е дискриминирачки и неправедно. И овој пат го стори истото, додавајќи дека тие не треба да бидат изоставени во време кога глобална соработка е потребна повеќе од било кога досега.

Тајван исто така истакна дека има извлечено многу лекции од управувањето со епидемијата на коронавирусот и истите може да ги сподели со светот. Островот доби пофалби за брзото и решително постапување со својата епидемија, која е релативно контролирана и евидентирани се многу малку смртни случаи.

Мерките вклучуваа драстично намалување на влезните летови од Кина и наметнување карантин за патниците уште на почетокот, за што експертите велат дека е клучно за запирање на ширењето во заедницата, како и строги мерки за надзор во карантините.

Слични содржини