Државен удар во Судан (ВИДЕО)

од Milan1

Војската, според извори на Ројтерс, уапсилa повеќето членови на суданската влада и голем број лидери на партии кои ја поддржуваат владата.  Очевидци наведуваат дека војската е на улица, а никој од воените власти не се огласил. Аеродромот во Картум затворен, а синдикатите ги повикуваат граѓаните на генерален штрајк.

Суданското министерство за информирање објави дека воените сили уапсиле цивилни членови на колективното тело што управува со Судан, како и членови на владата, и дека ги однеле на непозната локација.

Војската сè уште не се огласила, а суданската државна телевизија емитува редовна програма.

Очевидци на Ројтерс наведуваат дека припадниците на армијата, како и паравоена организација, која е под контрола на владата, се на улиците во главниот град Картум.

Судан е на работ на конфликт откако минатомесечниот неуспешен пуч предизвика обвинувања меѓу воените и цивилните групи кои требаше да ја делат власта по смената на поранешниот претседател Омар ал Башир.

30-годишното владеење на Башир заврши во 2019 година по неколкумесечни улични протести. По неговото сменување, договорено е Судан да излезе од изолација, а изборите да се одржат до крајот на 2023 година.

Според Ал Арабија, аеродромот во Картум е затворен, а сите меѓународни летови се откажани.

Неименувани извори на Ал Хадат наведуваат дека премиерот Абдала Хамдок е во домашен притвор, додека четворица членови на владата, цивилен член на колективното тело и неколку провинциски гувернери и партиски лидери се уапсени.

Ројтерс пренесува дека бил уапсен и медиумскиот советник на Хамдок.

Суданската асоцијација на професионалци, организацијата која ја предводеше смената на претседателот Башир, ги повика сите кои ги поддржуваат да се мобилизираат по апсењето на членовите на владата.

Ги повикуваме луѓето да излезат на улиците и да ги окупираат, да ги затворат сите патишта со барикади, да организираат генерален штрајк и да не соработуваат со пучистите и да им се спротивстават со граѓанска непослушност“, се вели во соопштението на здружението.

Слични содржини