ДСПДП: Отпорот во Тимјаник ги доведува во прашање хуманите вредности и солидарноста

од Vladimir Zorba

Државниот совет за превенција од детско прастапништво (ДСПДП) соопшти дека целосно го поддржува Министерството за труд и социјална политика во настојувањето за целосно имплментирање на планираната реформа за унапредување на социјалната инклузија и поддршка на преминот од институционална грижа кон поддршка на социјалните услуги во заедницата како и подобрување на квалитетот на социјалната грижа на децата во социјален ризик.

Советот, кој е орган при Собранието на Република Македонија, поддршката ја искажува поради настанатата и, како што посочува, зачудувачка и загрижувачка состојба со манифестираниот отпор од граѓаните на Тимјаник во општина Неготино, за непречено сместување на децата со посебни потреби.

– Поаѓајќи од принципот на најдобар интерес на детето, а во насока на превенција и рана интервенција, цениме дека политиките на министерството се насочени кон напуштање на праксата на сместување деца во установи и нивно понатамошно „институционализирање‘‘. На овој начин ќе се изгради еден проактивен, компетентен, отворен, одговорен и ефикасен фактор на општествена организација во областа на работа со децата и тој ќе овозможи минимална сегрегација и максимална инклузија и интеграција на децата во пошироката социјална средина, соопшти ДСПДП.

Оттаму очекувале целосна поддршка на овој проект од страна на граѓани од тој дел од Македонија со оглед на тоа дека се работи за деца со посебни потреби на кои, како што наведува во соопштението, повеќе од потребни им се  насмевка, подадена рака и чувство дека не се сами.

– Со последниот отпор на граѓаните од Тимјаник, за жал, доведена е во прашање хуманоста и хуманите вредности како и солидарноста меѓу луѓето кои во овој случај се подгазени токму од возрасните кои ја покажуваат својата дволичност и себичност на сметка на својот комодитет и слобода. Овој немил чин испраќа лоша порака до сите млади за тоа, дали и колку денес треба да се почитува хуманоста и хуманите вредности и солидарноста, наведува Советот.

Во соопштението ДСПДП посочува и дека искуствата во земјава и во странство покажуваат дека задоволувањето на потребата од згрижување и заштита на дете кое се наоѓа во социјален ризик, дава поголем и подолготраен ефект доколку тоа е згрижено во помала заедница или група, која поседува структура и динамика на семејно живеење./МИА

Слични содржини