ДУИ го нарече Изет Меџити „Мегавин“ и повторно побара двојни избори догодина

од Nikola Popovski
33 прегледи

„ДУИ на дело покажа дека најголемите и најдлабоките реформи се случуваат кога криминализираните елементи сами ја напуштаат партијата.  Најјасен пример е заминувањето на шефот на урбаниот криминал и слуга на коцкарската индустрија Изет „МегаВин“ Меџити, кој сфати дека неговите криминални активности немаат простор и повеќе не можат да просперираат во ДУИ бидејќи не би го поминале партискиот и државниот ветинг“, велат од партијата на Али Ахмети преку соопштение, како реакција на претходните ставови од коалицијата ВЛЕН.

Според ДУИ, тие што ја напаѓаат партијата со соопштенија напишани од, како што велат, „нивните сопственици ВМРО ДПМНЕ и преведени на албански јазик, мора да сфатат дека нивните напори се предодредени да пропаднат пред нашата определба за интегритет и напредок“.

„Тие што треба да сносат одговорност се во Владата, вие ги имате на вашата десна страна, а од криминалци ги ‘реформиравте’ во џентлмени. Сите тие во мај јавно ветија дека доколку изгубат со еден глас помалку, ќе поднесат оставки од своите партии, но не го одржаа зборот. Истите ветија дека ако не се смени уставот за шест месеци, ќе си заминат од владата, повторно излажаа“, стои во соопштението на ДУИ, во кое повторно побараа заеднички избори за да се запре, како што наведуваат, пандемијата на лаги, неуспеси и понижување на Албанците од денешните вазали.

Прво од ДУИ нека се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време, му порача вчера премиерот Христијан Мицкоски на Ахмети, кој изјави дека ДУИ се согласува за двојни избори в година. Мицкоски кажа дека во изјавата која тој ја даде како одговор на пратенички прашања на лидерот на СДСМ, Филипче, опозицијата само меѓу себе се храбри, а кога ќе дојде време да се испорача храброста, кукавички се затскриваат.

„Разбирам дека раководството на ДУИ не сака да биде во опозиција, исплашени дека конечно ја чувствуваат одлучната на Владата за борбата против криминалот и корупцијата. Свесни се дека доаѓа денот кога ќе треба да бидат одговорни. Затоа непринципиелно се храбрат и мислат дека ќе магнетизираат повеќе гласачи. Мојата порака е да се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време, ќе се подготвуваме“, рече претседателот на Владата.

Ахмети од тетовско Боговиње рече дека изјавите на Мицкоски за предвремени избори имаат цел да ја исплашат опозицијата.

„Да видиме колку држиш до зборот или ова го кажа само за да ја уплашиш опозицијата на Македонците. Подготви се добро“, кажа Ахмети.

На Ахмети му одговори и првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити, кој му порача да се подготви за уште долго време да остане во опозиција.

„Наместо да се претставува како некој голем фактор на политичката сцена, ДУИ би било подобро да се врати на внатрешните реформи и да ги исчисти своите редови од организираниот криминал и корупцијата“, вели Меџити.

Слични содржини