ДУИ: Во ВМРО-ДПМНЕ има европски сили кои не се поистоветуваат со ставовите на нивните предводници

од Stefanija Kuzmanovska

Демократската Унија за Интеграција ја повикува опозицијата да се приклучи кон, како што велат, напорите за европска Северна Македонија и продолжување на интегративниот пат како единствена алтернатива за нашата земја.

Европскиот сон и стремеж на нашите граѓани, како што соопштуваат од ДУИ, зависи од пратениците во Собранието и нивната храброст да донесат одлука за следните генерации, а не за следните избори.

„Храброста и одлучноста во носењето одлуки се наградува од страна на граѓаните, но и од нашите евроамерикански пријатели.

Повикуваме на општ општествен европски фронт и формирање на сојуз за европска Северна Македонија.

Загрижувачки се недвосмислените изјави на предводниците на опозицијата против Европската интеграција и одбивањето на помошта од нашите меѓуранордни партнери, но ние сме убедени дека пратениците и граѓаните не ги споделуваат изолационите и антиевропски ставови на нивните лидери, туку ќе одлучат храбро и мериторно за продолжување на европскиот пат.

Во ВМРО ДПМНЕ има европски сили кои што не се поистоветуваат со ставовите на нивните моментални предводници и не сакаат да ги повторат истите грешки кога застанаа на погрешната страна.

Денешниот наратив, размислување и делување на опозицијата, за жал е ист како тој пред 6-7 години, кој што ја изолираше опозицијата меѓународно, но сепак тогаш опозициони пратеници смогнаа сила и храбост и се одважија на предизвикот при што денес, Северна Македонија е членка на НАТО и преговара за членство во Европската Унија“, се додава во соопштението на ДУИ.

Слични содржини