Дупла дневница за неделниот труд на работниците

од Берта Китинска

Иако интензивирани се разговорите помеѓу сите засегнати страни, евентуална примена на законската уредба за недела неработен ден ќе биде одложена за на есен.

Идејата за недела како неработен ден беше покрената во ноември минатата година, кога премиерот Зоран Заев информираше дека Владата ја прифатила иницијативата на синдикатите.

Во драфт верзијата на законот за работни односи се наведува дека ќе им се дозволи да работат само оние компании кои ќе докажат дека нивното производство не може да трпи прекин.

Недела-слободен ден за работниците, да бидат заедно со своите семејства, да ги продолжат оние семејни традиции на кои што изминатиов период во трка со времето се запоставија, потенцираше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во утринската емисија на Сител ТВ, зборувајќи за измените во Законот за работни односи, со кои се предвидува недела да биде ден за неделен одмор.

Таа посочи дека ова законско решение мора да има исклучоци со цел за непречено функционирање на државата и онаму каде што техничко – технолошкиот процес мора да продолжи, снабдувањето на граѓаните со електрична енергија, водоснабдувањето, собирањето на комуналниот отпад, здравствената и социјална заштита, функционирањето на малите групни домови, медиумите, културните институции, угостителството. Ќе продолжат да функционираат сите оние дејности кои што претставуваат задоволување на елементарните потреби на секое семејство. Притоа, нагласи таа, сите што ќе работат во недела, ќе имаат надомест на плата согласно Закон и колективен договор, а дополнително овие работници ќе имаат и слободен ден за одмор.

Според досегашните пресметки за една третина од работниците неделата ќе остане работна, 34 дејности ќе можат да работат. Освен за армијата, војската и фабриките кои не може да го прекинат производството, неделата останува работен ден за аптеките, бензиските, транспорт, медиуми, пожарникарски и погребални услуги, прехрана, хотели.

Сите оние кои ќе ја работат неделата, ќе бидат платени по дневница и половина, и меѓудругото ќе им следува и слободен ден во текот на седмицата која следува.

Слични содржини