Дури и ако сите носат маски во автомобил, ризикот од коронавирус е голем: Научници открија како да се заштитите

од Nikola Popovski

Возењето со едно или повеќе лица во автомобил е една од најризичните работи што можете да ги направите кога станува збор за пренесување на коронавирусот, бидејќи иако се чини дека е нешто побезбедна алтернатива одошто јавниот превоз, сепак се работи за ограничен простор.

Дури и ако сите патници носат маски, најситните честички можат да се шират во воздухот.

„Кога сте на отворено честичките веднаш се разредуваат. Но, ако сте во затворени простории како што е автомобилот, тие честички можат да останат во кабината и да се акумулираат во воздухот“, изјави за Бизнис инсајдер Варгезе Матаи, физичар од Универзитетот во Бостон во Масачусетс.

Матаи, заедно со колегите од Универзитетот Браун, истражуваа како малите честички се движат низ кабината на автомобилот при различни варијанти на вентилација.

Нивната симулација, објавена во списанието Science Advances, покажа дека отворањето прозорци е најефективниот метод за расчистување на потенцијално насобраните честички во автомобилите.

Кога сите прозорци беа затворени, помеѓу осум и 10 проценти од честичките издишани од една личност можеа да стигнат до сопатникот.

Тој број падна на само 0,2 до два проценти кога сите четири прозорци беа отворени.

Се разбира, на студен зимски ден, отворањето на сите прозорци не е најпрактична опција, па авторите експериментираа со различни варијанти и излегоа со некои предлози.

Тие симулираа возење на Тојота Приус со брзина од 80 км/ч при што покрај возачот, има еден сопатник на задното десно седиште.

Најдобрата вентилација, ако не можат да се отворат сите прозорци, беше обезбедена со комбинација на отворен прозорец спроти возачот (напред десно) и патникот (од задниот лев дел).

Во автомобил во движење, свежиот воздух обично се движи низ задното стакло и излегува напред, објасни Матаи.

Отворањето на прозорците од спротивните страни на луѓето во автомобилот, покрај тоа што им овозможува на честичките да излезат надвор, создава струење на воздухот што ги одделува возачот и сопатникот.

Но, Матаи забележува дека само подотворањето на прозорците нема да биде од голема корист.

Тој вели дека би било добро да бидат отворени барем до половина.

На крај, тој посочува дека дополнителната вентилација во автомобилот не е замена за другите мерки за превенција како што се носење маски, миење раце и дезинфекција на заедничките простории.

Слични содржини