Дутерте: Позицијата на претседател не е за жена, ќерка ми нема да ме наследи

од Stefanija Kuzmanovska

Филипинскиот лидер Родриго Дутерте рече дека позицијата на претседател не е за жени поради нивните емотивни разлики со мажите и ги отфрли шпекулациите дека неговата ќерка ќе го наследи следната година.

„Мојата ќерка нема да се кандидира. И кажав на Индаи да не се кандидира, затоа што ја жалам знаејќи дека ќе мора да мине низ она низ што јас поминувам“, рече Дутерте на почетокот на проектот за автопат, осврнувајќи се на неговата ќерка Сара која ја нарече по прекарот, пренесува Си-Ен-Ен.

„Ова не е за жени. Знаете, емотивниот распоред на жена и маж е сосема поинаков. Тука ќе станете будала. Значи… тоа е тажна приказна“, рече Дутерте.

Филипините имаа две претседателки, Глорија Макапагал Аројо и Корасон Акуино.

Според Си-Ен-Ен, Дутерте (75) е познат по коментарите кои честопати се сметаат за навредливи и сексистички, но неговата канцеларија обично ги нарекува неговите забелешки безопасни шеги.

Сепак, сè уште е исклучително популарен меѓу женските гласачи на Филипините.

Неговата ќерка Сара Дутерте-Карпио (42), која го наследи како градоначалник на градот Давао, се најде на врвот на неодамнешната анкета во која се бара јавноста да избере посакуван кандидат од списокот на можни кандидати за изборите во 2022 година.

 

 

Слични содржини