ДВ: Зошто шансите да се заразите со корона на отворено се речиси мали?

од Nikola Popovski

Деновите стануваат потопли, се повеќе време се поминува надвор. Дојче Веле ги праша водечките експерти зошто има мала можност за појава на корона на отворено, како сонцето и ветерот влијаат на тоа и дали треба да се држиме подалеку од пушачите или спортистите.

 

Дали е целосно безбедно надвор?

 

Аеросолите, ситни честички што лебдат во воздухот, се главниот виновник за пренесување на коронавирусот. Според наодите на научниците, ова се случува особено во затворен простор. „Бидејќи циркулацијата на отворен воздух е многу поголема. Имате струи на ветер, затоа концентрацијата на аеросоли се разредува многу брзо “, вели Нико Мутерс, шеф на Институтот за јавно здравје на Универзитетската клиника во Бон.

 

Слично вели и Александер Кекуле, вирусолог, но додава – сето тоа се однесува ако држите растојание од најмалку метар и половина на отворено. „Ако не ја одржувате таа оддалеченост, се гледате лице во лице и разговарате гласно, пеете, викате, плукате – тогаш, наместо со аеросоли, може да се заразите преку капки“.

 

Студиите потврдуваат дека ризикот од инфекција надвор е исклучително мал. Една студија од Кина испита 7.324 случаи на инфекција – само еден се случил на отворено. Кекуле вели дека истото важи и за мутациите на вирусот – тие се нешто позаразни, но мерките остануваат исти. „Мутантите не летаат подалеку“, вели вирусологот.

 

Како влијае ветерот?

 

„Колку е ветровито, толку побрзо ќе се распрснат вештачки направените аеросолни облаци“, вели Герхард Шојх, физичар и истражувач на аеросоли. На прашањето дали, на пример, во една ливада каде што живеат различни групи луѓе, можно е ветерот да пренесува аеросоли од една во друга група, Шојх рече дека тоа е практично невозможно.

 

„Само заради телесната температура се создава еден вид на струја на воздухот, која претежно, како и со камин, се качува“, изјави овој физичар за ДВ. Бидејќи, телесната температура од околу 37 степени е генерално повисока од надворешната. „На тој начин се искачува потоплиот воздух, дури и тој облак од аеросоли“.

 

Една студија во Иран исто така потврди дека ветерот не игра никаква улога во пренесувањето на вирусот.

 

Што кога е топло надвор а што кога е ладно?

 

Ова не е целосно научно разјаснето. Американски истражувачи го следеле развојот на инфекцијата во топли, ладни, суви и влажни подрачја во Кина – и не откриле никакви разлики. Австриско истражување откри дека ултравиолетовото зрачење на сонцето го убива вирусот, на пример на површините, но дека има мал ефект врз преносот од човек на човек.

 

Мутерс вели дека не треба да се потпирате на сонцето – има повеќе ултравиолетово зрачење во текот на летото, но на пример во снежните области е уште поголемо заради рефлексија од снегот. Покрај тоа, тој посочува дека пандемијата влијае и на потоплите и на постудените области.

 

Кекуле, пак, верува дека тоа не кажува ништо за суштината, затоа што тој претпоставува дека дури и во топлите региони, луѓето масовно се инфицираат внатре. „Тоа е местото каде што тие поминуваат повеќе време внатре со климатизери и вентилатори“, вели тој.

 

Дали има опасности од спортот?

 

Експертите велат дека и спортистите – на пример кога џогираат – треба да одржуваат растојание од еден и пол метар, и покрај фактот дека, во состојба на физичко оптоварување, тие дишат подлабоко и испуштаат повеќе честички во воздухот. „Ако некој помине покрај вас, дури и на кратко растојание, ризикот е многу мал“, вели Биргит Венер, истражувач на аеросоли од Институтот Лајбниц.

 

Слично размислува и нејзиниот колега Герхард Шојх – и атлетичарите без здив би морале да стојат едни до други неколку минути за да се прошири инфекцијата. Затоа тој не гледа проблем во тимските спортови како фудбалот. „Но, проблемот се јавува кога се користат соблекувални или тоалети. Ова се опасни простории. Тие треба да бидат добро проветрени “.

 

Холандска студија, која минатата година покажа дека е потребно поголемо растојание меѓу спортистите, се смета за контроверзна. Тие велат дека велосипедистите треба да се оддалечат дваесетина метри. Критичарите истакнуваат дека студијата е спроведена во аеротунел, а не под реални услови.

 

Дали средбата со пушачи е поопасна?

 

Ниту една студија сè уште не го поврзала пасивното пушење со зголемен ризик од инфекција со корона. „Пушењето не исфрла повеќе вируси“, вели Шојх. Дури и Нико Мутерс од Универзитетската клиника во Бон не гледа дека пушачите на кој било начин се позаразни.

 

Сепак, според институтот Роберт Кох, пушачите имаат малку поголем ризик од сериозни болести доколку се заразат. Но, за другите тие не се поопасни.

 

Дали има смисла маската надвор?

 

Има, ако не можете да ја држите дистанцата. Особено во поголема гужва, да речеме на концерти. „Или кога сте на автобуска станица, или во некој ред, тогаш маската има смисла“, заклучува Венер.

Слични содржини