“Два дена потоа” или Отворено писмо до моите сограѓани и пријатели од #Бојкотирам

од desk4

Не господа. Немам намера да ве навредувам. Понижувам. Денунцирам. Плукам. Не. За мене тоа е под секое човечко ниво а најповеќе под нивото на професијата која со години ја работам и толку интимно ја доживувам. Не. Нема за мене небањати, прости, примитивни, сељаци, жмроњи и комуњари… Не. За мене постои само дијалектичка другост. Денес, по повод референдумот вие сте мојата, а јас вашата. И некако се ми се чини дека светот би застанал кога не би било вака. Не се може без спротивности. Неприродно е. Спротивностите го движат светот. Таму, во друштвото на оние кои ќе го бојкотираат референдумот седат некои од моите најдобри пријатели, роднини, соседи, а некои од нив се луѓе над луѓето. Таму се нормални, сосема прибрани и несомнено драги на мене личности, без кои веројатно во животот не би имал ниту прилика да го напишам ова писмо, илјадници километри далеку од дома.

Таму има секакви луѓе. Како и меѓу нас кои ќе гласаат #ЗА. Таму се дел од моите професори без кои ќе изгубев многу битки и без кои веројатно немаше ниту да ме познавате. Нив, ако не други, не сакам да ги лажам. Не сакам да поминувам молчешкум со наведната глава преправајќи се дека сум се согласувал со нив. А неќе душа. Ако никој друг, тие заслужуваат искреност и по цена на презир. И од мене секогаш ќе ја имаат.

Таму во #Бојкотирам има драги души. Не ми замерувајте ако троа ми застанува кнедла во грлото кога ќе помислам што се сме поминале заедно. И што се заедно треба допрва да поминеме. Има една Ина, умна и начитана и толку блиска на моево срце. Има и една Марија, за чиј капацитет е сосема излишно да зборувам. Има и блиски мои со кои делиме славски софри и палиме свеќа за нашите заминати, оние на оној свет ама и оние по светот. Има дури и еден интересен лик кој моите ќерки (заради кои и најмногу пишувам во рани мугри) многу го сакаат а кој знам дека искрено и од срце си ја сака Македонија. Немам сомнеж. Има магија во тоа да си ја сакаш татковината. Има и еден Влатко, генерација од Корчагин, на кој и најлутите политички ривали му симнаа капа затоа што излезе човек во време на нелуѓе. Има татковци, мајки, ќерки, снаи, свекрви, здрави и болни, намачени и измачени, некакви и секакви. Како и секаде…

Ама има и Ден Потоа. Со големо Д и големо П. Денот Потоа е најдобриот ден за победниците. Ден на ликување и ден на тапшање по рамо. Ден на гушкање, целивање и радосни погледи заради извојуваната победа. Ден на “браво брат”, “свака част” и “ти реков бе…” Ден кој за жал нема да избега од стандардните малодушни флоскули од типот “леле ама го заебавме Заев”, “мамата нивна америчка, они ли бе ќе ни кажуваат како треба” и “добро им го спопикавме на Шиптариве и на нашиве квинслинзи – ах што ми е мерак.” И јас и вие знаеме дека тоа се емоции и проблесоци на нашата колективна психа кои се веќе претворени во фолклор, како првата народна песна која ја фаќаме после втората чаша вино, со виолина на увце. И јас и вие знаеме дека ако не ги кажеме гласно, ќе ги помислиме во себе, исцедувајќи срамежлива насмевка на аголот од усните, кои место за љубење, редовно ги користиме за премногу, премногу чемер. А усните, како и виното, треба одговорно да се арчат…

 Ама ќе дојде и вториот ден потоа… Два дена по големата, славна и несомнена победа (газење безмалку) на политичките противници кои така бесрамно ќе ја продадеа Македонија. И тогаш, драги мои, ќе ве снема. Тогаш, Е ТОГАШ, сакам да ми кажете како понатаму. Ама нема да ми кажете. Наместо тоа некој од вас ќе речат “ќе видиме бе Неџа, битно беше ова да не помине.” Некои ќе молчат а некои радо ќе ме наранат со она со кое не би требало да се ранат луѓе. Анонимните профили на несомнено храбрите патриоти веројатно ќе соберат дрскост да ми опцујат по некој од фамилијата, ама ние сме секако познати по тоа што и кога победуваме, успеваме да бидеме несомнени губитници. Два дена потоа јас од вас ќе побарам ново решение и ќе го барам се додека не го добијам. Затоа што ако референдумот пропадне, некој мора да преземе одговорност. Ве сметам за доволно доблесни да излезете и да ја преземете истата. Ама нема. Некои од вас ќе ме гледаат накриво, некои направо, а некои веројатно ќе ми се насмевнат со поглед полн со презир. Ама никој, БАШ НИКОЈ ОД ВАС, нема да ми каже што од тука па натака. Само ве молам немојте со прикаските “абе прво да се опраиме па после да влагаме во ЕУ и НАТО” или “ќе видиме после билатерално со Грција нешто и во Обединети нации.” Ако јас ве испочитував да напишам искрена колумна, од срце, испочитувајте ме и вие и поштедете ме од дневна доза инфантилизам и научна фантастика. Фала ви однапред.

Два дена потоа, дами и господа, вие ќе станете директни спонзори на нова генерација грчки политичари кои уште долго, долго, ако не и засекогаш, ќе паразитираат од македонското прашање и ќе градат политички кариери на него во отсуство на каква било друга агенда. Коекакви Мицотакиси, Каменоси и оние несреќи од Златна зора, кои веројатно задоволно ќе тријат раце затоа што ќе може да тврдат дека ете ние сме неконструктивни и деструктивни, измислен народ на кој треба да му се сотре семката и да му ебе мамата само затоа што не знаеме кого уште да обвиниме за сопствената грчка трагедија. Два дена потоа, вие директно ќе им помогнете на оние сили кои сакаат да не видат на колена, задавајќи им финален удар им внуците на оние кои гинеа барабар со нашите Егејци на Грамос, и кои се единствените со кои колку-толку може да се постигне договор. Не идеален, ама договор. Што е до мене, нема проблем. Направите им ја оваа услуга, само после тоа преземете одговорност.

Ден по референдумот, ќе се осетите силни и гласни, заборавајќи дека само ден по денот потоа ќе се вратиме во реалноста, во која сме Република Македонија само за по дома (не се лути Ивица што ти ја позајмив фразата), а и оние кои не признале под уставното име на првиот прекорен поглед од грчките колеги веднаш се коригираат со фамозното и непресушно – ФИРОМ. Ама ако, битно е да е ситно… Два дена по референдумот, ќе разберете дека сте им помогнале на сите приватизатори и тендераши во последните 30 години, кои цинично ќе ни се смеат во лице возејќи се во нивните скапи автомобили, а кои парите ги направија токму заради недостаток на капацитет но и на контрола од надвор, а на чии сметки дами и господа се и вашите пари. Не бев изненаден да чујам дека најголемиот отпор кон референдумот доаѓа од дел од крупниот капитал, небаре не ни е јасно како ги направија парите, и дека истите ќе ги снема во оној момент кога ќе се воведат какви-такви правила на игра. Што е до мене, нема проблем. Направите им ја оваа услуга, само после тоа преземете одговорност.

Денот потоа ќе биде како секс за една ноќ со некој кого си го сретнал патем, како она екстра колаче после обилно јадење, како кафе во осум навечер и како онаа завршница на кавгата со жена ти, кога си и кажал “у фаца” се што ти лежело на душа, вистинито и невистинито. Убаво, слатко, незаборавно, победничко… Ама два дена потоа доаѓа освестувањето. Грижа на совест, мачнина, несоница и ладна тишина затоа што поим немаш што понатаму. Ни каде. Ни кога. Што е до мене, нема проблем. Само преземете одговорност. И најдете подобро решение.

Ама нема.

Јас ќе гласам #ЗА. Овој е мој приватен и личен став, после долго и мачно размислување и внатрешни дилеми. Не е лесно, но одлучи еден мал детал. Јас, на крајот на денот, не сакам да припаѓам на луѓето кои за секое решение имаат проблем туку напротив на оние кои за проблемите поддржуваат решение. Не мора да се согласите со мене, можеби и ќе ме презирате, ама ако. Што е до мене, нема проблем. Само преземете одговорност.

АМА.

НЕМА.

23 септември 2018 година, во точно 8:21.

проф. д-р Ненад Марковиќ, од Универзитетот Калифорнија – Беркли, место каде што се создаваат визии и визионери.

ПС. За некој час ќе тргнам кон дома бидејќи и јас како и вие немам резервна татковина.

Слични содржини