Два екстремни концепти во борбата против корона: Германскиот и шведскиот модел – погубни

од Stefanija Kuzmanovska

Со појавата на првите случаи на инфекција со коронавирус во Европа пред скоро една година, повеќето европски земји се свртеа кон концептот на затворање и строги мерки, а особено беше пофален моделот на германската борба против ковид 19 . Се покажа дека вирусот е на пат да ги победи двата модела.

Првиот случај на коронавирус во Германија се појави на крајот на јануари, во март бројот на новоинфицирани надмина 4.000 на ден, а во април 6.000. На 15 април досега е забележан најголем број на смртни случаи за еден ден од последиците од коронавирусот- 510. Германија, и покрај загриженоста за економијата на земјата, не бегаше од строгите мерки.

Германски модел – строги мерки, остри санкции

Баварија прогласи вонредна состојба на 16 март. Германија воведе строга гранична контрола, забранети се јавни собири, затворени се училишта, градинки и многу јавни места. Следеше мерка за ограничено движење, спроведено е масовно тестирање, беа проширени капацитетите на болниците… Прекршувањето на пропишаните мерки беше строго санкционирано.

Резултатот од строгите мерки беше прикажан во мај – бројот на новозаболени и починати се намали.

Шведски модел – препораки и полни улици и кафулиња

Во истиот временски период, Шведска не бележеше дневен број на новоинфицирани со корона поголема од илјада, а честопати таа бројка беше под 500. Најголемиот број смртни случаи за еден ден беа регистрирани во април, кога имаше 115 жртви од коронавирусот. Во тие моменти, многумина шведското однесување го сметаа за контроверзно.

Шведскиот модел не вклучуваше затворање на луѓе во нивните домови, носење маски, затворање училишта, продавници, ресторани… Се препорачува да се носат заштитни маски во затворено и да се одржува физичката оддалеченост. Швеѓаните бркаа колективен имунитет, верувајќи дека тоа ќе ја смири епидемијата побрзо од која било друга мерка. Улиците, градските плоштади, кафулињата и продавниците беа преполни, а кривата на вирусот беше во мирување. До октомври.

И додека Швеѓаните летуваа надвор, германските власти мораа повторно да интервенираат во текот на август и септември со цел да го задржат вирусот под контрола во таа земја. Училиштата беа отворени и затворени, маските беа задолжителни во затворени простории во некои сојузни држави, границите беа отворени, а потоа затворени … Заразата беше совладана, но потоа октомври дојде и кај Германците.

Вториот бран кобен за двата модела

И покрај строгите германски мерки и лесниот пристап на Шведска кон епидемијата, есента донесе нови, многу поголеми проблеми на двете земји. Вториот бран на коронавирусот ги погоди силно и бројот на нови инфекции и смртни случаи започна рапидно да расте. Ова доведе до заострување на мерките во Германија и откажување на Швеѓаните од шведскиот модел.

Тековната, воопшто не охрабрувачка состојба со десетици илјади заразени дневно и во Германија и во Шведска ги принуди властите да ги преиспитаат одлуките за мерките.

Голем број жртви од корона беа евидентирани во Германија во декември, па канцеларката Ангела Меркел и премиерите на 16 германски сојузни држави се согласија да воведат целосен „локдаун“, кој ќе трае до 10 јануари.

Новите мерки предвидуваат максимум две лица од едно домаќинство, вкупно пет, да можат да се соберат во еден стан, не сметајќи деца под 14-годишна возраст.

Швеѓаните се откажаа од својот модел во средината на ноември, а потоа јавните собири беа ограничени на осум лица. Шведскиот премиер Стефан Лофвен тогаш апелираше до граѓаните да не одат во спортски сали, библиотеки и да не организираат вечери. Воведена е и забрана за продажба на алкохол по 22 часот.

Има малку докази дека колективниот имунитет ѝ помага на Шведска во борбата против коронавирусот, изјави неодамна главниот шведски епидемиолог Андрес Тегнел, според чија идеја оваа земја спроведе контроверзна стратегија без строги ограничувачки мерки и затворање на граѓаните.

Пред неколку дена беше донесена одлука сите ученици на возраст од 14 и 16 години во главниот град на Шведска да преминат на учење на далечина до крајот на оваа година, со цел да се запре ширењето на вториот бран на инфекција со коронавирусот.

Според извештаите на медиумите, Стокхолм е меѓу најпогодените шведски региони – скоро третина од смртните случаи од ковид-19 се регистрирани во тој дел на земјата. Здравствените власти во шведската престолнина досега ги ангажираа сите расположиви лекари, но и воените сили за борба против вирусот, но проблемите продолжуваат.

Стокхолмскиот регион објави дека 99 проценти од креветите во одделите за интензивна нега во болниците таму биле исполнети, а здравствените синдикати предупредуваат дека голем број здравствени работници ги откажуваат договорите за вработување заради растот на инфекцијата, хоспитализациите и смртните случаи. Колапсот на здравствениот систем би значел целосна катастрофа и тотален пораз во борбата против вирусот.

Слични содржини