Дваесет земји ја побарале од Русија првата вакцина во светот против коронавирусот: Сакаат милијарда дози

од Nikola Popovski

Вкупно 20 земји од Латинска Америка, преку Блискиот исток, до Азија, побарале од Русија да ја достави првата вакцина во светот против коронавирусот – Спутник В.

Првата вакцина против коронавирусот што е регистрирана во светот е онаа направена во Русија. Регистрацијата на вакцината ја потврдил и рускиот претседател Владимир Путин, кој исто така изјавил дека неговата ќерка ја примила вакцината.

Кирил Димитријев, директор на Рускиот инвестициски фонд (РДИФ), објаснил дека тие веќе добиле нарачки за милијарда дози вакцина, пренесува РТ.

„Заедно со странските партнери, ние сме подготвени да произведуваме повеќе од 500 милиони дози на вакцината годишно“, изјавил Димитријев. Тој додал дека вакцините произведени во Русија ќе се користат во самата земја, додека оние произведени од странски партнери ќе бидат достапни за други земји.

Димитријев додал дека РДИФ работи и на програма за хуманитарна помош за земјите во развој, чија цел е вакцината против вирусот да биде достапна за земјите што не можат да ја купат или да направат своја вакцина.

Објаснувајќи дека вакцинацијата е акутен проблем во најсиромашните земји, Димитријев соопштил дека РДИФ верува дека „вакцините треба да бидат еднакво достапни за луѓето ширум светот, без оглед на финансиската состојба“.

Рускиот претседател Владимир Путин објави дека во Русија е регистрирана првата вакцина во светот против коронавирусот „Спутник В“, чие масовно производство треба да започне наскоро и треба да биде јавно достапно од јануари.

Иако веќе е регистрирана, вакцината ќе помине низ повеќе клинички испитувања во Русија и Блискиот исток.

Слични содржини