Двајца демонстранти против монархијата ја исвиркале поворката со кралот Чарлс III

од Nikola Popovski

Двајца демонстранти против монархијата ја исвиркале поворката на кралот Чарлс Трети за време на неговата посета на Парламентот, носејќи плакат „Тоа не е мојот крал“.

Ова се многу ретки гласови на несогласување за време на периодот на жалост по смртта на кралицата Елизабета Втора, која почина на 8 септември во замок во Шкотска.

Демонстрантите, кои носеа и плакати на кои пишуваше „Укинете ја монархијата“ и „Крај на феудализмот“, беа на тротоарот пред Вестминстерската палата пред да бидат замолени од полицијата да ја напуштат областа.

Еден од демонстрантите, чие име не се соопштува, изјавил дека тоа е политичко место и политички ден.

„Парламентот го поздравува Чарлс Виндзор како нов шеф на државата, а народот не можеше да каже ништо. Тој е крал без согласност и тоа не е во ред“, рече демонстрантот.

„Тој заработува годишна плата од 24 милиони фунти годишно или 27 милиони евра. За што? За поздравување и ракување“, додаде тој.

Смртта на кралицата Елизабета Втора, фигура на единство и стабилност за време на нејзиното 70-годишно владеење, предизвика голема тага во земјата каде што се очекува да се соберат неколку стотици илјади луѓе до нејзиниот ковчег до крајот на неделата.

Сепак, се слушнаа некои спротивставени гласови и тие го осудуваат колонијалното наследство на британската монархија.

Според истражувањето кое во јуни го објави институтот ЈуГов по повод 70-годишнината од владеењето, 62 отсто од Британците сметаат дека земјата треба да остане монархија, а 22 отсто сметаат дека треба да има избран шеф на државата.

Поддршката за монархијата е послаба кај младите, а Чарлс е многу помалку популарен од неговата мајка.

Уште еден глас на несогласување се слушна во неделата пред пристигнувањето на ковчегот на Елизабета Втора во Единбург. Полицијата во Шкотска уапси жена која држела плакат со натпис „Укинете ја монархијата“. Некои насобрани граѓани при нејзиното апсење извикувале „Пуштете ја, тоа е слобода на изразување“.

Кралицата (96) ќе биде погребана на 19 септември во Лондон.

Слични содржини