Двајца македонски полицајци фатени со дрога на границата помеѓу Албанија и Црна Гора

од Nikola Popovski

Десетици килограми дрога се пронајдени во возило на Министерството за внатрешни работи, кое се обидело да влезе во Црна Гора. Од МВР го потврдија случајот, но тврдат дека станува збор за претходно запленета марихуана која останала во возилото, скриена во бункер под седиштата.

Станувало збор за двајца полициски службеници, кои веќе се вратени во Скопје. Дрогата била пронајдена во возило кое припаѓало на Секторот за организиран криминал при МВР.

Црногорските цариници запреле возило што влегувало во земјата, кое претходно без проблем ја минало албанската граница и откриле голема количина наркотици.

Нивниот идентитет не е откриен, а не е познато дали се уапсени или депортирани.

Управата за приходи и царина на Црна Гора во своето соопштение потврди дека во патничко моторно возило со македонска регистрација пронашла поголема количина на растителна супстанца за која постои сомневање дека е наркотик, но не го наведоа идентитетот на лицата кои биле во возилото.

„Возилото со регистарски таблички на Република Северна Македонија се движело од правец на Албанија кон Црна Гора, а супстанцијата, спакувана во неколку индивидуални пакувања, била пронајдена во скриен бункер на возилото“, се вели во официјалното соопштение, објави РТС.

Тие наведоа дека, во согласност со протоколот за билатерална соработка, понатамошната постапка за утврдување на составот на пронајдената супстанција и нејзиното потекло, како и обработка на случајот, ќе ја спроведат надлежните органи на Република Албанија.

Вредноста на запленетата дрога на пазарот на мало изнесува стотици илјади евра.

Слични содржини