Двајца од обвинетите дошле без адвокат: По вторпат одложено судењето за пожарот во тетовската модуларна болница

од Nikola Popovski

Повторно се одложи почетокот на судењето за пожарот во модуларната болница во Тетово, откако на денешното рочиште, двајца од обвинетите Бобан Вучески и Артан Етени дошле без адвокати кои ќе ги бранат во процесот. Запрашани од судијата зошто дошле без бранител, тие одговориле дека не знаеле дека треба да донесат со себе и адвокат, за да може да започне судскиот процес. Поради тоа, судијата Јордан Велковски го одложи за 8 ноември во 10 часот.

Покрај овие лица, обвинет за случајот е и поранешниот директор на Клиничката болница во Тетово Флорин Бесими.

Основното јавно обвинителство Тетово во јули годинава до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице во врска со пожарот во Модуларната болница во Тетово, во кој изгореа 14 лица.

Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик – стои во соопшението од Обвинителството.

Обвинителството десет месеци водеше истрага во која стручни анализи и вештачења беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, електроинжинер и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Во октомври 2021 по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Во пожарот кој се случи вечерта на 8 септември лани, изгореа 14 лица, од кои 12 пациенти и две лица придружба.

Слични содржини