Ниту еден од кандидатите не го собра потребниот број гласови за избор за претседател на државата во првиот круг. Стево Пендаровски освоил 323.892 гласа, Гордана Силјановска-Давкова 319.364 гласови, а Блерим Река 79.921 глас. Согласно Изборниот законик во вториот круг од претседателската трка ќе се натпреваруваат Пендаровски и Силјановска-Давкова. По многу тесната разлика во бројот на освоени гласови од првиот круг од штабовите и на двајцата кандидати очекуваат победа во вториот.

-Очекувам убедлива и недвосмислена победа во вториот круг за конечно Македонија да добие претседател на сите граѓани, изјави вчера претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Тој потврди дека по резултатите добиени по завршувањето на првиот круг гласање на претседателските избори, немал разговори со албанските опозициски партии и нема да се оди на разговори затоа што, рече, не ни е потребна политичка трговија. Во однос на можноста да се бараат гласовите од претседателскиот кандидат Блерим Река, тој ја повтори изјавата на Река во која нагласува дека неговите гласачи по првиот круг, се личности со свој став и како сакаат така треба да решаваат во вториот круг.

– Имам намера да го промовирам мојот концепт. Во вториот круг влегуваат два дијаметрално спротивни концепти. Едниот концепт за кој се залагам е евроатлантска интегрирана Макеоднија и внатре инклузија на сите етнички заедници во системот. На друга страна имаме националистички-популистички концепт од 19 век, истакна меѓу другото Пендаровски, а на граѓаните кои гласаа за Река им порача дека ја очекува нивната поддршка во вториот круг.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека резултатите од првиот круг на претседателските избори се нова  реалност и показател дека „граѓаните одбрале правда токму за Македонија и оти власта доживеала тежок пораз“.

-Резултатите од изборите покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ е политичката сила со најголема доверба меѓу граѓаните и дека политиките на власта доживуваат пораз. СДСМ како политичка партија драматично ја губи поддршката кај граѓаните, и тоа го потврдуваат бројките и фактите. Власта, особено СДСМ е делегитимирана. Народот не им верува, рече Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчерашниот ден, според него, исто така потврдил и дека меѓу граѓаните владее вистинска апатија поради болната реалност оптоварена со криминал, корупција и сиромаштија. Поради неправда која ја чувствува секој човек. Граѓаните, вели, се чувствуваат измамено од страна на власта.

-Одговорот на апатијата е едноставен, масовно гласање во вториот круг на изборите на 5-ти мај, и потврда дека граѓаните се тие кои решаваат. Народот е посилен од секоја власт и народот е свесен дека со гласачко ливче победуваме неправда, рече тој и додаде дека Гордана Силјановска-Давкова е изборот на граѓаните, таа е изборот затоа што е олицетворение на правдата, човек со кредибилитет и свој став.

Слични содржини