Две години затвор за Никола Груевски за „Тенк“, 6,5 за Поповски

од desk2

Поранешниот премиер Никола Груевски доби две години казна затвор за случајот „Тенк“, затоа што судот го прогласи за виновен за „примање награда за противзаконито влијание“ , а поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски виновен е за злоупотреба на службена положба и доби 6 години и 6 месеци затвор.  Вчера, тој беше осуден и на 9 години затвор во случајот “Триста“.

Ѓоко Поповски е осуден на казна од 6,5 години затвор, а Никола Груевски казна затвор од 2 години.

Никола Груевски не присуствуваше на изрекувањето на пресудата.

Судијката Добрила Кацарска при изрекување на пресудата кажа дека двајцата осудени треба во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата да ја надоместат штетата настаната во овој случај.

Докажано е дека делото „примање награда за противзаконито влијание“ го извршил Никола Груевски како премиер кој влијаел да се изврши дело кое не би смеело да се изврши, рече судијката Добрила Кацарска.

Неспорно е дека е набавено возило марка „Мерцедес“ по цена од нешто повеќе од 32 милиони денари. Обвинетиот Никола Груевски извршил влијание врз Гордана Јанкулоска како министер за внатрешни да се купи ново патничко блиндирано возило, која пак го поттикнала помошник-министерот Ѓоко Поповски да го контактира набавувачот „МакАутоСтар“ за да се купи возилото, при што набавувачот бил фаворизиран.

Не може да стане збор дека обвинетиот Ѓоко Поповски не знаел за фаворизирањето на возилото „Мерцедес“ од „МакАутоСтар“, но сепак склучил договор за купопродажба, во вредност од
35.226.000 денари со вклучен ДДВ, рече судијката.

Дека ова возило е набавено во незаконска постапка, а по желба на Никола Груевски да се вози во вакво возило, неспорно произлегува од снимките и разговорите меѓу Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски…, појасни судијката.

Во поглед на барањата на одбраната да не се земаат во предвид незаконски набавените снимки, судот смета дека не е основано, затоа што при ваков јавен интерес дозволиво е да се користат снимките, појасни судијката.

Според неа, одбраната повикала многу сведоци кои сведочеле дека набавката била оправдана затоа што старото возило било расипано, а поправките чинеле многу. Но, појасни, тоа не е предмет на ова судење, туку фаворизирање на економскиот оператор „МакАутоСтар“, при набавка на ова возило.

Неспорно е дека против Никола Груевски поднесени се 5 обвинителни дела, рече судијката, со што поради тежината на делата делото „Тенк“ не може да се смета за застарено.

Во случајот „Тенк“ обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но поради ризична бременост, нејзиниот случај е одвоен.

 

Слични содржини