Две нови градинки и многу повеќе зеленило во Аеродром, најавува Филиповски

од Берта Китинска

Изградба на две нови градинки, во Мичурин и Ново Лисиче, реконструкција на градинката „Пчелка“, како и два затворени базени се меѓу капиталните проекти кои се дел од изборната програма на кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата во општина Аеродром, Александар Филиповски.

Филиповски, во изјавата за медиуми посочи дека предвидува изградба и на младински центар, со цел да се овозможи простор за младите, за реализација на обуки, работилници, но и организирање на настани.
Во делот на основното образование, програмата предвидува и доградба на основното училиште „Блаже Конески“, нови сензорни соби за учениците со попреченост и еко – училници за секое училиште.

– Започнуваме и со целосна реорганизација на комуналните служби и поинтензивно одржување на зелените површини. Ќе направиме нови маалски паркови и игралишта во сите населби. Исто така, со изградба на три подземни, односно монтажни катни гаражи ќе обезбедиме повеќе загарантирани паркинг места за нашите жители, изјави кандидатот за градоначалник.

Во текот на кампањата, Александар Филиповски ќе оствари средби со граѓаните од сите населби, со претставници на граѓански организации, бизнис заедницата и други целни групи.

Основната цел е да се презентира изборната програма, но и дополнително да се мапираат теренските потреби и проблеми на граѓаните кои ќе се решаваат во претстојниот мандат.

 

Слични содржини