Двејн Џонсон е најплатен актер втора година по ред

од Vladimir Zorba

Американскиот актер Двејн Џонсон, познат како „Рок“, е најплатен актер, втора година по ред, според списанието „Форбс“.

Според Би-Би-Си, поранешниот борач заработил 87,5 милиони долари помеѓу 1 јуни 2019 година и 1 јуни 2020 година, вклучувајќи 23,5 милиони за трилерот „Red Notice“ на Нетфликс.

Заработил пари и од неговата линија за фитнес облека „Poject Rock“.

Десетте најплатени актери заедно заработија 545,5 милиони долари оваа година, а четвртина од тоа од „Нетфликс“, пренесува „Форбс“.

Втор на списокот на најплатени актери е колегата на Џонсон од „Red Notice“, Рајан Рејнолдс, со плата од 71,5 милиони долари.

Третиот е актерот и продуцент Марк Валберг, со заработени 58 милиони долари, четврти е Бен Афлек, а на петто место е Вин Дизел.

Во топ 10 најплатени актери спаѓаат индискиот актер Акшај Кумар, единствената ѕвезда на Боливуд во друштво на најбогатите филмаџии. Тој се најде на шестото место со плата од 48,5 милиони.

На списокот се наоѓаат и креаторот на Хамилтон, Лин-Мануел Миранда, актерите Вил Смит и Адам Сендлер, како и ветеранот Џеки Чен.

Списокот на најплатени актерки ќе биде објавен подоцна.

Минатата година, на врвот на тој список беше актерката Скарлет Јохансон, со заработени 56 милиони долари, што е помалку од платата на шестопласираниот најплатен актер, пренесува Би-Би-Си.

Слични содржини