Еден човек во Македонија веќе го знае исходот од референдумот

од desk4

Во репортажа од руралните предели на Македонија, агенцијата Франс Прес оценува дека на референдумот в недела во прв ред ќе се одлучува за економската иднина на земјата

    
Mazedonien Referendum (picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski)

Само еден човек знае каков ќе биде исходот од референдумот во македонското село Градовци: Душан Николовски, единствениот жител на речиси напуштеното место кое сега повеќе наликува на збир од полураспаднати камени куќи.
Како и многу други напуштени градови ширум Македонија, празното село, на околу 30 километри од Скопје, е споменик на брановите емиграција кои ја руинираа економијата на балканската држава.

„Тука имаше околу 100 куќи и семејства“, вели 66-годишникот за агенцијата АФП додека седи на својот балкон со поглед кон уништените куќи и продавници на своите некогашни соседи.

„Полека сѐ се распадна, и луѓето заминаа“.
Како и насекаде низ Балканот, емиграцијата станува маѓепсан круг во Македонија, одземајќи ѝ ја на економијата работната сила и забрзувајќи го процесот поради кој се повеќе млади луѓе ја напуштаат земјата во која има 22 проценти невработеност.

Работните места- или нивниот недостаток- се во срцето на референдумот во Македонија в недела.

Формално, се гласа за тоа дали земјата да го смени името во „Северна Македонија“ за да се стави крај на долгогодишниот спор со Грција, која ветува дека ќе ја отстрани блокадата за влез во ЕУ и НАТО.

Празни куќи, пусти улици…

Промената на името според многумина е единствениот билет кон иднина во ЕУ, со надеж дека тоа ќе донесе економски пресврт и реформи.

„Младите луѓе сакаат да живеат во демократска држава во која нивните човекови права ќе бидат почитувани и каде тие ќе можат да напредуваат со своето знаење“, вели за АФП министерката за правда Рената Дескоска.

Владата нема актуелни податоци за тоа колку Македонци заминале на работа во странство.

Студија на ЕУ од 2012 година проценува дека повеќе од 500 илјади граѓани- или над 26 отсто од целото население- живеат во странство.

Нема млади

Но Македонците кои живеат во странство нема да го одлучат резултатот на референдумот. Помалку од 3,000 се пријавија за гласање, незначителен дел од околу 900 илјади колку што се потребни за гласањето да го исполни цензусот. Гласањето ќе го одлучат оние кои се во земјата.

„Сакам Македонија да биде како Швајцарија“, вели Исми Азиз, кој ги минува пензионерските денови во Кичево откако 33 години работел во Швајцарија. Кога го прашавме што мислат младите луѓе за гласањето, се насмеа.
„Нема млади луѓе тука, сите заминаа“.

Одливот на мозоци не се должи само на очајната економија во Македонија, чиј раст на БДП во 2017 година падна на нула. Проблемот е и политички, велат група млади доктори на кои им е преку глава од систем во кој  напредувањето не се должи на тоа што знаеш, туку кого познаваш.

„Сите добиваат работни места и живеалишта, врз основа на нивниот политички статус“, објаснува Соња Граждани, 21-годишна студентка по медицина која и се приклучила на групата „Клуб на млади доктори“ со цел да лобираат кај владата за подобар здравствен систем.

Со ваквиот патронажен систем, „добивате лоши доктори, нездрави пациенти“, додава таа и вели дека нема друг избор освен да замине во странство по завршувањето на студиите за да добие подобра практична настава.

Никола Брзанов, хирург кој ја основал групата годинава и го поддржува гласањето „за“ на референдумот, вели дека околу 1.200 млади доктори ја напуштиле земјата во последните 8 години.
Тоа му создава големи проблеми на здравствениот систем и остава недостаток на педијатри, гинеколози и доктори за итна помош, особено во руралните предели, вели тој.
Министерката за правда Дескоска вели дека проблемот опфаќа повеќе професии.

Селски туризам

Аномалија во македонската емиграциска приказна, Николовски се вратил во својот рурален дом пред една деценија откако поголемиот дел од животот го минал како градежен работник во Скопје.
Во селата како Градовци егзодусот започнал уште во времето на поранешна Југославија кога руралните семејства биле селени во градовите за да ја поттикнат индустријализацијата.
Масовната емиграција по распадот на Југославија само го зголеми проблемот.

Сам во Градовци, Николовски ги минува деновите одгледувајќи домати, пиперки и грозје, во риболов и во производство на сопствено вино и ракија.
Сега се обидува да ги убеди и своите другари од детството да се вратат затоа што смета дека руралниот регион има потенцијал за селски туризам.

Единственото што недостасува се инвестиции.

„Луѓето кои работат треба да добијат поголеми плати“, вели тој објаснувајќи како да се вратат младите во земјата. Засега, тој не може да ја убеди владата да го асфалтира патот или да донесе питка вода и струја.

„На нашата држава не ѝ е гајле за селата“, вели тој./DW

 

Слични содржини