ЕК бара заострување на епидемиолошките мерки на границите за влез во земјите на ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Во ситуација на ширење на нови видови на коронавирус и голем број на нови инфекции, Европската комисија повика да се избегнат сите непотребни патувања и „силно да се обесхрабрат“.

Денес во Брисел беа побарани дополнителни мерки на границите, и внатре во ЕУ и на надворешните граници, со цел да се запре ширењето на вирусот.

„Тестирањето ќе биде задолжително за сите патници кои влегуваат во ЕУ, вклучително и за оние кои се на т.н. важно патување. ПЦР тестот за влез во ЕУ мора да биде стар најмногу 72 часа“, рече комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

Таа наведува дека дополнителни правила, вклучувајќи самоизолација, карантин и следење на контакти до 14 дена, мора да се применат на патници кои доаѓаат од трети земји, каде што е забележлива циркулацијата на нови видови на вирусот.

За граѓаните на ЕУ и носителите на дозволи за престој, тестирањето ќе се обезбеди по пристигнувањето, а образецот за локација на патникот треба да стане универзална и задолжителна.

Предлогот на Комисијата вклучува додавање на „темно црвена“ боја на постојната епидемиолошка мапа на Европскиот центар за превенција и контрола на болести за области каде има високо ниво на инфекција, делумно предизвикана од нови видови на вирусот.

Комисијата наведува дека ќе има исклучоци што ќе важат за граѓаните кои ги преминуваат границите во рамките на земјите-членки со цел да одат на работа, на училиште или да се грижат за членовите на семејството.

Граѓаните кои доаѓаат од темно црвени зони поради задолжително патување, според предлогот на Комисијата, треба да направат тест пред пристигнување и да бидат ставени во карантин, освен ако тоа нема диспропорционално влијание врз нивното неопходно патување.

Европската комисија заклучува дека целта на овие мерки е заштита на граѓаните и единствениот пазар на ЕУ, вклучително и испорака на вакцини.

 

Слични содржини