ЕК утврди напредок на Бугарија и назадување на Романија

од desk2

Во редовните извештаи на Европската комисија за механизмот на соработка и верификација за Бугарија и Романија, објавени попладнево, се посочува дека Софија продолжила да напредува, додека Букурешт назадува во потребните реформи.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, неханизмот за соработка и верификација го мери напредокот на овие две земји во судските реформи и борбата против корупцијата, како и борбата против организираниот криминал во случајот на Бугарија.

Секоја година Европската комисија издава извештај и ги оценува резултатите во двете земји.
Оваа година во извештајот за Бугарија наведува дека Софија продолжила да остварува напредок и дека процесот би можел да заврши до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија.

– Овој извештај препознава дека Бугарија продолжи да прави постојан напредок во имплементацијата на финалните препораки дефинирани во јануари 2017 годиа. Овие реформи се потребни за ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал. Доколку продолжи овој позитивен тренд и се задржи напредокот неповратно, верувам дека процесот за Бугарија може да заврши пред крајот на мандатот на оваа Комисија, порача потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс.

Меѓутоа, и покрај охрабрувањата, ЕК забележува дека ситуацијата со медиумите во Бугарија е „значително влошена“, што може да има негативен ефект врз независноста на судството поради рестрикции врз слободниот пристап до информации. ЕК предупредува и на случаи на таргетирани напади на медиуми врз одредени судии.

Со Романија ситуацијата е полоша. Земјата која треба да го преземе претседавањето со Европската Унија е под интензивен монторинг на Европската комисија и би можела да им се придружи на Полска и Унгарија во групата земја против кои Брисел отвора прекршочни процедури поради нарушување на принципите на владеење на правото.

– Жалам што Романија не само што има застој во реформскиот процес, туку назадува по прашања каде беше направен прогрес последните десет години. Суштински е Романија да се врати веднаш на патот на борбата против корупцијата и да обезбеди независно судство, порача Тимерманс.

Последните месеци Обвинтелството и судството се под притисок на власта во Романија, со контроверзни кадровски смени и притисоци.

Состојбата во Романија е до толку влошена што Европската комисија поднесе осум дополнителни услови за оваа земја, бидејќи дванаесетте препораки вклучени во последниот извештај во јануари 2017 година повеќе не се доволни, посочи ЕК.
Четири од осумте дополнителни услови се однесуваат на назначувањето и отстранувањето судски кадри.

Слични содржини